Во текот на вчерашниот ден (18.02.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 341 возач. Од нив 20 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а 12 возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 158 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 183 надвор од населено место.
Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.