Во заедничка акција на инспектори од Секторот за контрола и истраги на Царинската управа со Одделот за крим полиција – Сектор за економски криминал и корупција на МВР, и инспектори од Управата за јавни приходи и Пазарната инспекција се запленети речиси половина тон тутун за наргиле, електронски цигари и течност за електронски цигари.
Имено вчера, на ден 26.01.2023 година, на неколку локации во Скопје во рамки на координираната акција, беше извршена контрола во која беа откриени и запленети необележани акцизни производи без акцизни маркички, од кои 454 кг тутун за наргиле, 2.290 парчиња електронски цигари со содржина од 15.130 милилитри течност за електронски цигари.
Со оваа заплена е спречен обид на пуштање во слободен промет на акцизна стока за која е избегнато плаќање на давачки од вкупно 2,5 милиони денари.
Запленетата стока согласно законските прописи ќе биде предадена во Агенцијата за управување со одземен имот, а против инволвираните правни и физички лица се поднесени соодветни пријави до надлежните институции.