Во тетовската полиција вчера било пријавено оштетување на автомобил од заскитан куршум. Сопственикот го паркирал возилото на прометна улица во Тетово, а кога се вратил по шест часа ја увидел штетата.
– Педесетгодишниот С.Б. од тетовското село Порој пријавил дека околу 9 часот го паркирал неговото патничко возило „Фолксфаген Голф“ со тетовски регистарски ознаки на улица „Јане Сандански“ во Тетово. Кога се вратил околу 15 часот забележал оштетување на предното ветробранско стакло и во внатрешноста на возилото од испукан проектил. Извршен е увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот, инфомираат од СВР Тетово.
Секторот за внатрешни работи Тетово редовно апелира до граѓаните да не употребуваат огнено оружје на семејните веселби и свадби со оглед дека минатите години чести беа случаите на повредени лица и оштетени возила и друг имот.
Пукањето со огнено оружје е спротивно на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир и глобата за ваков вид на прекршок се движи од 200 до 500 евра во денарска противвредност. За кривично дело „предизвикување општа опасност“ доколку има и последици е предвидена затворска казна од една до пет години.