Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од денеска ја прекинува вакцинацијата на свињите против болеста класична свинска чума и им наредува на ветеринарните друштва повлекување од промет на вакцината доколку ја имаат на залиха.
Прекинувањето на вакцинацијата на свињите е дел од сетот превентивни активности преземени од АХВ, со цел создавање услови за добивање на дозвола за извоз на домашно свежо свинско месо на европскиот и светскиот пазар, каде расте и побарувачката и цената на овој тип месо.
– За прекинот на вакцинацијата, известени ќе бидат Европската унија и Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ, која очекуваме во текот на 2021 година на Република Северна Македонија да и го додели статусот на земја слободна од класична свинска чума, велат од АХВ.
За справување со оваа болест Агенцијата донела и план за итни мерки, а подготвила и оперативниот прирачник за постапување во случај на појава на класична свинска чума.
– Континуирано се работи на едукацијата на фармерите, официјалните ветеринари и ветеринарните друштва, преку организирање на работилници, трибини и подготовка на информативно – едукативен материјал, велат од АХВ.
По престанување со превентивната вакцинација на свињите против класичната свинска чума, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи со преземање на активности за брзо и навремено откривање на болеста.
Во АХВ подготвуваат спецификација за набавка на вакцина или да ја приклучат земјава кон банката на вакцини за оваа болест.
Агенцијата информира дека во 2018 година бил спроведен вонреден, а годинава и редовен попис на одгледувалиштата, во рамки на кој биле евидентирани вкупно 2.315 свињарски фарми со 125 илјади товеници.