петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Анализа на ИРЛ: Пандемски погреб на системот и социјалната држава

Анализа на ИРЛ: Пандемски погреб на системот и социјалната држава
МИА

Податоците кои ги обработи ИРЛ покажуваат дека многу брзо расте бројот на новозаболени од Ковид 19, додека бројот на оздравени не се зголемува доволно брзо за да се ослободат доволно кревети за новите пациенти кои треба да бидат хоспитализирани. Бројот на мртви во сегашниот бран во споредба со првиот пролетен бран кога имаше построги мерки е до пет пати повисок, анализира Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) Македонија.

Денот е четврток, 12 ноември. Бројот на болни расте побрзо од бројот на оздравени. Но, пред модуларната болница на државната клиника “Мајка Тереза” во Скопје е необично тивко. Магла од типичниот загаден скопски воздух се разлева околу болницата и не можете ништо да видите ако не се приближите до прозорците. Се слушаат гласови.

„Прозорците треба да бидат отворени, не ги затворајте,” извикуваат медицинските лица однатре. “Ајде, ајде, добро, сатурацијата се качува”, се слуша болничар којшто ги бодри пациентите.

Роднини носат ќебиња и прекривки за блиските. “Им студи, но мора постојано да проветруваат заради вирусот”, раскажуваат роднините пред болницата кои оставаат и вода, овошје и сокови за болните. Сестрите се растрчани, а истовремено мора да се грижат и за болните.

На Инфективната клиника во Скопје и во модуларната болница нема место за нови пациенти. Во овие две болници во моментов се лекуваат 161 пациент. Од вчера повеќе место нема ниту во градската болница 8-ми септември, ниту во болницата Козле. Скопските капацитети се полнат со пациенти и од другите региони, раскажуваат лекарите.

Koj ќе преживее, ќе раскажува

Педесетгодишен жител од Штип кој престојува во болницата во ИРЛ ја пријави неговата лична емоционална борба со Ковидот што се одвива на инфективното одделение во Штип.

“Некогаш не влегува лекар или болничар ни по 12 часа. Не дека те забораваат, нема луѓе, нервозата е страотна”, раскажува тој во телефонскиот разговор со новинарите додека ја чека сопругата да му донесе вода и витамини.

Но, приказната за која што разговаравме покажува сурова реалност – шансите за преживување се зголемуваат доколку имате повеќе пријатели и пари.

Тој немал примено кислород цели два дена. Дијабетичар е и во болницата доаѓа со комликации. Откако едвај успева да биде примен, брзо ги сфаќа последиците од системското три децениско уништување и ограбување на здравствениот систем”

“Два дена немав кислород примено. Некогаш нема кислород, но најчесто нема персонал за да ти даде нега дури и да има ресурси. Семејството, како сите овде, се труди да помогне, се борите да дишите, едноставно чувствувате како ве снемува полека. Тоа се страшни моменти, сакаш да живееш”, нашиот соговорник ова го раскажува и со вина и со гнев во гласот.

Екипата на ИРЛ со помош на колегите од дописничката мрежа на ЗНМ направи обиколка и низ регионалните болници.

“Ситуацијата е сериозна”, вели директорот Ален Георгиев од штипската болница од источниот регион каде што состојбата е една од најкритичните во земјата.

Терасите под собите на инфективното одделение во Штип се единствениот контакт на болните од Ковид 19 со надворешниот свет. Со помош на јажиња и пластични корпи го земаат она што им го носат роднините. Блиските им носат се’, од облека до овошје и витамини, па и лекови.

Надежите се во поставувањето на модуларните болници во Штип и Кочани со кои што би се добиле дополнителни 72 кревети, но нивното поставување доцни. Наместо во септември веројатно ќе бидат поставени кон крајот на годината.

Целата анализа на ИРЛ можете да ја прочитате тука…

Најнови вести