Без Катица Јанева не можат да продолжат судењата во предметите на СЈО, а сите обвинители треба да си дадат оставка, затоа што ситуацијата е иста како кога премиерот ќе даде оставка и тогаш целата влада е во оставка, вели професор Гордан Калајџиев, кој очекува да има застој, но да се надмине кога ќе се донесе новиот закон за ЈО.
Без специјалната обвинителка Катица Јанева не можат да продолжат судењата по предметите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), вели професорот од Правниот факултет Гордан Калајџиев за „Слободен печат“. Во јавноста деновиве се отворија низа дилеми по оставката на Јанева во врска со статусот на предметите што ги води СЈО пред судовите, бидејќи според Законот за СЈО, единствено таа може да ги застапува обвиненијата на суд, а другите обвинители од СЈО само ја застапуваат неа.
Професорот Калајџиев вели дека пресот на обвинителката Ленче Ристовска бил погрешен потег.
– Пресот на обвинителката Ленче Ристовка беше погрешен потег. Сите обвинители од СЈО треба да си дадат оставка. Но, и без да дадат, оставката на Катица Јанева е оставка за целиот тим. Ситуацијата е иста како кога премиерот ќе даде оставка, тогаш целата влада е во оставка – вели Калајџиев.
Дилемата ќе се реши ако помине новиот предлог-закон за јавно обвинителство што вчера го најави премиерот Зоран Заев, кој следната недела ќе биде поднесен до пратениците. Според најновиот предлог, СЈО ќе се интегрира во ново обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, на чие чело ќе биде обвинителката Вилма Рускоска, која ќе има мандат да ги застапува предметите на СЈО во онаа фаза во која се застанати. Ова обвинителство ќе биде под капата и под одговорност на Републичкото јавно обвинителство, но за да биде усвоен законот е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, кое засега е неизвесно.
СЈО е сепак само еден човек
По отварањето на случајот „Рекет” од страна на ОЈО во понеделникот, во чија истрага на специјалната обинителка ѝ беше одземен мобилниот телефон, а самата Јанева истиот ден поднесе оставка, обвинителката Ленче Ристовска на прес-конференција ја уверуваше јавноста дека не е доведена во прашање ниту една постапка на СЈО.
– Стоиме зад работата што сме ја завршиле досега,ве уверувам дека сите постапки што досега биле отворени и за кои имаме обвинителни акти и судења не се доведени во прашање затоа што и јас и моите колеги потврдувамедека нашето постапување било возаконските рамки– рече тогаш Ристовска.
Таа инсистираше дека интегритетот на институцијата не го прави еден човек.
Во јавноста правниците изнесоа мислења дека постапките на СЈО не се загрозени, толкувајќи ги од аспект на Законот за кривична постапка (ЗКП), но не и од аспект на Законот за СЈО. Во изјава за вистиномер.мк, Калајџиевистакна дека според ЗКПнемапроблеми за постапките, но според Законот за СЈО ќе се случи застој.
– ЗКП нема одредба што регулира вакви ситуации.Таму е регулирано како би требало да постапи судот ако судија е на некој начин инволвиран во предметот, а по истата аналогија тоа се однесува и на јавен обвинител. Ако има некаков проблем, јавниот обвинител се иззема од предметот и на негово место доаѓа друг јавен обвинител. Но, бидејќи специјалниот јавен обвинител е единствен застапник на предметите на СЈО, според законот за СЈО, сметам дека би можел да дојде од застој ако специјалната обвинителка биде опфатена со истрагата. Но, тој застој не би бил од подолг период ако се донесе новиот закон за обвинителство,во чии рамки ќе биде опфатено и сегашното СЈО – објасни Калајџиев.
Бранителите ќе бараат прекини
Во судовите уште се судат поголемиот дел од 20-тината предмети за кои СЈО покрена обвиненија во законскиот рок до 30 јуни 2017 година. Продолженијата на судењата се закажани по летните одмори, а јавноста особено има интерес за повтореното судење за „Монструм”, кога на 22 август се очекува да се преслушаат „бомбите” за овој контроверзен случај на седница што ќе биде отворена за јавноста. Голем интерес има и за истрагата за предметот „Империја”, во чиј главен осомничен Орце Камчев јавноста го препозна уценуваниот бизнисмен кому му биле изнудени 1,5 милион евра во случајот „Рекет”. Се очекуваат и пресудите за местења на избори во „Титаник” или за финасирањето на ВМРО-ДПМНЕ во предметот „Талир”, а не помало е вниманието и за предметот „Таргет-тврдина” за нарачетелите и извршителите на масовното следење на комуникациите.
Адвокатот Јанаки Митровски смета дека бранителите на обвинетите во предметите на СЈО треба да побараат прекини во постапките пред судот, но предметите нема да бидат загрозени ако Јанева биде обвинета.
– Ако Јанева биде обвинета по индиции и докази прибрани со истрагата за „Рекет” строго правно–формално тоа нема да значи ништо за другите предмети, освен за истрагата „Империја“. Но, секако дека ова ќе биде тежок товар за другите предмети и обвинители.Со кој кредибилитет тие би застапувале предмети кога шефицата им е под оган?Дополнително, јас да сум бранител на предметите на СЈО, прво би барал прекин на постапката до завршувањето на предметот „Рекет“, бидејќи сметам дека има доволно индиции оти предметот е контаминиран. Едноставно, мојот властодавец ќе рече: „и мене ми бараа пари“, и аналогно на аферата „Рекет” тоа би требало да е доволен сомнеж кој би довел до прекин – вели Митровски за „Слободен печат”.
Според него, објективно самата Јанева го закопала СЈО.
– Колегите тоа многу добро го знаат. Искрено ми е жал за нив, таму навистина има колеги кои ги ценам и ми е криво за нивниот вложен труд, но и за отсуството на минимум правда во државава. Осомничениот го уапси СЈО, што повеќе да коментираме – вели Митровски.
Познавачите велат дека во моментов состојбата е правно комплицирана и деликатна и дека клучно е што не е познат статусот на Јанева – дали е осомничена, дали се уште ја врши функцијата, каде е депонирана оставката и други дилеми што се наметнати од начинот на избор и разрешување на специјалниот обвинител.
Од Советот на јавни обвинители нема информација дали оставката на Јанева е депониранакај нив, за да продолжи натамошната законска процедура за нејзиното разрешување.
Јанева може да ја разреши само двотретинско мнозинство
Според законот за СЈО, институцијата е всушност еден човек – специјалниот обвинител е овластен независно и самостојно да истражува и да гони кривични дела кои се поврзани или произлегуваат од содржината на неовластеното прислушување. Другите обвинителинемаат право да донесуваат наредби и обвиненија, а имаат право да го застапуваатспецијалниотобвинител пред надлежниот суд. Но, во Законот е наведено и дека функцијата специјален обвинител ќе биде извршувана од него лично и од другиобвинители кои му помагаат.
Специјалниот обвинител одговара за својата работа пред Собранието и пред Советот на јавни обвинители. Функцијата може да му престане по сопствено барање, ако трајно ја загуби способноста за вршење на функцијата, ако е избран или именуван на друга функција и ако е осуден на затвор или друга кривична санкција што го прави недостоен за јавен обвинител. Престанокот на функцијата го утврдува Советот на јавни обвинители, на предлог на Собранието кое, пак, предлогот го утврдува по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број на пратеници, со двотретинско мнозинство и со Бадентер.
Освен престанок на функцијата, во законот е дефинирано и разрешување на специјалниот обвинител, кое се случува пред истекот на мандатот поради незаконито,нестручно и несовесно вршење на функцијата. И оваа постапка ја почнува Советот на јавни обвинители и го разрешува обвинителот на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувања, откако Собранието ќе го утврди предлогот за разрешување со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и Бадентер.