Повеќе од половина година се оправа, доправа, па одново конструира и гради стационар Вардариште, помпезно најавувано преку отворање на ново ЈП претпријатие Лајка. Реалноста ги демантираше сите ветувања на Шилегов и сите наши надежи кои се темелеа врз неговото писмено и јавно обврзување за хумано, ефикасно и трајно решавање на сериозниот комунален проблем, прекубројноста на бездомните животни, ова преку реакција до јавноста денеска го истакнаа од Анима Мунди.
-Жалиме што повторно мора да се обраќаме вака јавно, затоа што поинаква комуникација и не е можна со градоначалникот Шилегов и неговиот кабинет, администрација која дефинитивно заборавила што значи и која е улогата на граѓанскиот сектор. А до вчера беа пикнати по невладини. Градоначалнику Петре Шилегов, на наши реакции – укажувања/аргументи/предлог итни мерки и барања не одговoривте ниту еднаш, но во телевизиска изјава гледаме навлегувате во големината (бројноста), јачината и моќта на Анима Мунди: “ Не се веќе Анима Мунди ни толку моќни ни толку големи колку што ги зборуваме, ама тоа е друга тема “ , велат од здружението.
Тие додаваат место да не броите нас градоначалнику Шилегов ви препорачуваме да се позанимавате со една проста математичка операција за која сте платен со народни пари. Секоја една нестерилизрана единка во просек раѓа некаде 16 до 20 кутриња годишно (2 парења). Да претпоставиме дека половина од родените се исто женки (8 до 10 женки) – веќе од само едно женско куче и потомството создадено во една година имаме 120 до 200 млади, репродуктивно способни единки на улица. Од сто нестерилизирани женки, градот во една година продуцира нови 12 000 до 20 000 единки на улица. Вашето немање интерес, знаење, концепт, сенс продуцира НАЈМАЛКУ 6 000 нови кучиња во Град Скопје за само половина година.
Ова е математиката која би го интересирала и уплашила секој одговорен градоначалник, но тоа не сте вие.
-Петре Шилегов – без доверба кај граѓаните, политичарите се само трговци, ама лоши. Не ги испочитувавте ветувањата дадени на граѓаните, кои ве гласаа. Барањата добиени од Анима Мунди, врз основ на кои ветувавте и ги полневте вашите политички памфлети. Немате сенс за важноста на оваа проблематика ниту пак елементарна политичка свест и ширина да ги инволвирате и послушате оние кои знаат и имаат искуство. Не ви е гајле за проблемот кој го продлабочивте – во последните 12 години вие сте единствениот градоначалник кој во период од 6 месеци не реализирал ниту една стерилизација на бездомно куче, и сте одговорен за креирање на нови чопори низ главниот град, масовни труења и убиства на животни. Не постои друг главен град во Европа кој направил комплетен застој на програмата залови – стерилизирај – врати повеќе од половина година. Што градот плаќа отштети за каснувања наместо да врши стерилизации (превенира/решава проблем и воспоставува контрола), вас мува не ве лази. Да ги следевте нашите укажувања до сега ќе имавте силна контрола врз овој комунален, здравствен, етички проблем, ќе гарантиравте бенефит за сите и граѓаните и животните и ќе добиевте поддршка, потнцираат од Анима Мунди.
Тие додаваат дека фотељата ви е премногу комфорна, зошто казните ги плаќаме ние граѓаните од свој џеп, буџетот на Град Скопје, а животните со своите животи.
Не ви се имаме посветено вам бидејќи во државата има далеку посериозни проблеми во третманот со животните, а вашата оперативност Петре е спорна колку за добро, толку и за лошо, или „радикално“ како што милувате да кажете вие. А за секое „радикално“ решение кое тук таму го спомнувате знајте дека можеме од канцеларија ќе ве извадиме и тоа во само еден ден. Во град во кој третина од населението се љубители на животни во тоа бидете уверени, стои во јавното обраќање на активистите на Анима Мунди.