понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Апелација од понеделник повторно одлучува меѓу политиката и правото – Се чека решение по жалбата на Ѓоко Поповски

Апелација од понеделник повторно одлучува меѓу политиката и правото – Се чека решение по жалбата на Ѓоко Поповски

Неоснованата пресуда и драконската казна која што Добрила Кацарска ја изрече на поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за предметот „Триста“, веднаш по завршувањето на процесот ја дополни со изрекување и на мерка притвор, исполнувајќи ги желбите и барањата на СЈО.

Од 22 јуни досега Ѓоко Поповски е во притвор, иако за тоа не постои ниту една оправдана причина.

Пресудата сеуште не е правосилна, а на истата одбраната веќе најави жалба.

Меѓу луѓе од фелата со кои контактиравме преoвладува мислењето дека не постојат околности кои укажуваат на бегство, со оглед на тоа што досегашното однесување на Поповски беше крајно конструктивно и воопшто не укажува на тоа дека тој размислува за бегство.

Судот, но и медиумите кои редовно ги следеа рочиштата се сведоци дека Поповски уредно постапуваше по задолжувањето да се јавува еднаш неделно во судот, како и дека редовно се јавуваше на сите рочишта. Судот, но и медиумите се сведоци дека Поповски е семеен човек, со сопруга и син, како и стара мајка за која се грижи и која пред еден месец ја смести во дом за згрижување стари лица. Иако судот мораше, воопшто не ги зеде предвид овие околности при одлучување по барањето на СЈО за притвор.

Судот не ја зел предвид и здравствената состојба на Поповски која е многу лоша, со две многу сериозни дијагнози, а за која беше запознаен со поднесената обемна медицинска документација. Имено во повеќе наврати до судот се доставувани лекарските наоди кои укажувале дека Поповски има спондилоартрозни промени и дегенерација на дискусите, односно кај него е констатирано дека е приклештен нервот на 3-4 сегменти во слабинскиот дел од рбетот. Овие нарушувања секојдневно му предизвикуваат неподносливи, агонални болки и му го отежнуваат движењето, а за нивно надминување е потребна хоспитализација и соодветна инфузиона терапија. Истовремено Поповски се соочува и со сериозни психички проблеми предизвикани од континуираните притисоци и оцрнувања во јавноста.

Неаргументирани се и мотивите од кои се водеше Кацарска при изрекувањето на притворот, односно од штетноста на последиците од делото и јачината на загрозувањето или повредата на загрозеното добро, бидејќи еден од најспорните елементи во пресудата е постоењето на штета. Впрочем суштината на овој кривичен предмет е различното толкување на одредбите од Законот за јавни набавки. Доколку и се земе предвид оваа претпоставка, целокупниот имот на Поповски е замрзнат многу одамна.

Оттаму, станува повеќе од јасно дека со одредувањето на мерката притвор во оваа фаза на постапката, сериозно се повредуваат основните човекови права и му се ограничува слободата на Поповски без постоење на правосилна судска пресуда.

Жалбата од страна на одбраната е поднесена уште следниот ден после решението за притвор, а по доставување на одговорот од страна на СЈО, останува на почетокот на наредната недела Апелацискиот суд да донесе одлука врз база на аргументите, а не врз основа на политичките нарачки.

Најнови вести