Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски во емисијата “Што мисли народот” на Стар телевизија оцени дека сите одлуки што ги носи министерот за здравство Венко Филипче се нестручни и непрофесионални. Тоа се политички одлуки за да може СДСМ да добие корист кај граѓаните. Но, за жал таа корист што ја добиваа изминативе месеци, сега им се удира од глава.
-Филипче и Комисијата на Караџовски носеа мерки само Владата да има корист од нив. Сега гледаме дека таа спрега помеѓу Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство која што ја застапува Владата играат пинг-понг со целата криза. Граѓаните трпат штети страдаат, а Венко вели Комисијата за заразни болести предложи вака, а Владата одлучи така. Има една спрега каде што се договараат Венко и Караџовски и она што загрижува највеќе е тоа што никој не поднесува одговорсност за тоа. Над илјада луѓе починаа, над илјада семејства се ожалостени, а од друга страна гледаме арогантни луѓе на позиции кои што немаат никаква одговорност. Затоа и ВМРО-ДПМНЕ излезе со оној предлог за мешовита комисија која што ќе опфати кадри од сите области кои се потребни во борбата со корона кризата. Ние сакаме да помогнеме бидејќи за жал Македонија е на прво место по починати. Ние сме црни лидери по број на починати. Во Европа сме меѓу првите пет места, рече Арсовски.