Раководството на ВМРО-ДПМНЕ предводено од претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, денеска се сретнаа со претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески.
Мицкоски и Азески ја оценија нивната прва средба како конструктивна. Азески во изјавата по средбата му посака на Мицкоски побрзо враќање на власт и изрази надеж дека ќе водат континуиран дијалог за сите прашања кои се од интерес на бизнис заедницата.
– Очекувам, а тоа и му го предочив на Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи во Собранието сите закони кои влијаат на економскиот амбиент за да не се кочи развојот, рече Азески.
Мицкоски, пак, напомена дека на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ му е потребна правилна навигација од бизнис заедницата, да се слушнат потребите на компаниите зашто тие креираат додадена вредност и вработувања.
– Нашата работа е да креираме соодветни решенија и кога ќе дојдеме на власт, да ги спроведеме на дело, рече Мицкоски.
Негова оценка е дека последниве девет месеци Македонија бележи исклучително лоши економски резултати со намалени странски инвестиции и индустриско производство и без визија и креативност за какво било подобрување.