За само еден месец откако беше регистриран првиот случај на британскиот сој на корона во Македонија, поради способноста да се шири за дури 70% побрзо од обичниот КОВИД-19, според истражувањата на Клиничката болница Жан Митрев, истиот веќе е присутен кај 70% од случаите.
Во последните денови поради карактеристиките на овој сој на КОВИД-19 забрзано започнаа да растат и бројките на новозаразени што земјата ја носи кон уште еден бран за кој не се знае до каде може да стигне и од колкави размери ќе бидат последиците од истиот.
Само во последната недела во Македонија имаше 3525 заразени и 74 починати лица, но и понатаму не се превземени никакви мерки во оваа насока и покрај најавите на министерот за здравство Венко Филипче дека состојбата ќе се следи и доколку трендот на зголемување на бројките продолжи ќе бидат преземени дополнителни мерки.
Ситуацијата од ден на ден се влошува и во болниците чии капацитети забрзано се пополнуваат особено во градовите во кои е присутна оваа форма на вирусот, односно во Кавадарци, Прилеп и Охрид, а мерки не се воведуваат ниту барем по овие градови, иако вирусот е веќе проширен и тешко ќе биде воспоставување контрола на истиот кога веќе е широко распространет.
Од друга страна пак и процесот на вакцинација во земјта оди многу споро и не се знае кога точно ќе пристигнат вакцините во земјата бидејќи сите најави од страна на властите за пристигнување на истите се покажаа како неточни и истото не се случи. Во државата требаше да пристигнат 200 илјади дози од кинеската вакцина „Синофарм“ , но вчера од страна на Министерството за здравство беше објавено дека е повлечен авансот кој беше уплатен за набавка на истите на барање на кинеската страна поради усогласување на документацијата. Од таму велат дека договорот за оваа набавка сепак не е откажан, но како и да е одолговлекување на процесот има во секој случај и не се знае кога точно ќе стигнат, а ваквото каснеќе кошта човечки животи.