Со цел да одговори на најновите рестрикции за патување воведени поради КОВИД-19 од страна на земјите од ЕУ/Шенген зоната, ТАВ Македонија, заедно со генетската лабораторијата при Жан Митрев Клиник креираа решение за правење брзи антиген тестови непосредно пред заминувањето на патникот.
Како што информираа денеска од ТАВ Македонија, почнувајќи од неделата, 24-ти јануари, амбулантно возило за тестирање на клиничката болница „Жан Митрев” е распоредeно пред терминалната зграда на Меѓународниот Аеродром Скопје, во близина на единствениот отворен влез за патници „Departures C“, каде што патниците можат да го извршат потребниот брз антиген тест и да го добијат резултатот за 15 до 20 минути од земањето примерок.
Медицинското возило за тестирање на „Жан Митрев” Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина и Центарот за истражување применета микробиологија и биотехнологија, ќе биде присутно на Меѓународниот Аеродром Скопје секој ден кога има летови до државите кои бараат брз антиген тест, четири часа пред времето на полетување до секоја од дестинациите.
-Целта е да се обезбеди опција на патниците кои заминуваат кон дестинациите во Холандија, Германија и Велика Британија, со цел тие да имаат доволно време да извршат брз антиген тест, пред да влезат во зградата на аеродромот и да почнат со аеродромските процедури, ако тестот веќе не го направиле пред нивното пристигнување на аеродромот, истакнуваат од ТАВ Македонија.
За повеќе детали во врска со тестот ги замолуваат патниците да ја контактираат лабораторијата „Жан Митрев“ на 02/3091484 https://zmc.mk/en/services/
Доколку патниците одлучат да направат брз антиген тест на Меѓународниот Аеродром Скопје, со цел да не се создава метеж пред аеродромската зграда, апелираат тие да пристигнат на аеродром најмалку 4 часа пред времето на полетување.
Холандија бара задолжителен негативен брз антиген тест не постар од 4 часа пред качување во авион, како дополнување на нивното барање за задолжителен негативен PCR-тест. Германија, пак, бара негативен брз антиген тест одобрен од СЗО не постар од 48 часа, но исто така прифаќа PCR, LAMP или TMA тестови. Велика Британија бара негативен антиген тест не постар од 72 часа, но исто така прифаќа PCR или LAMP тестови.
Од ТАВ Македонија истакнуваат дека во моментов, само брзите антиген тестови одобрени од СЗО може да се направат на Меѓународниот Аеродром Скопје преку услугите на Жан Митрев Клиник. За сите други КОВИД-19 тестови, од ТАВ Македонија апелираат до патниците да ги направат во авторизирана болница/лабораторија пред нивното пристигнување на аеродромот.
-Со оглед на тоа што ЕУ/Шенген земјите постојано ги менуваат правилата за патување поврзани со КОВИД-19 и секоја земја самостојно прави промени во однос на рестрикциите за граѓаните на Република Северна Македонија, апелираме до патниците пред да тргнат на нивното патување, задолжително да ги проверат последните барања со нивната авиокомпанија и со Амбасадата на земјата во која што планираат да пристигнат, стои во соопштението.
Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид“ поради ковид пандемијата минатата година ја завршија со 782 876 патници, за 71 отсто помалку во однос на 2019 година. Една од опциите за надминување на состојбата, што ја иницираше аеродромскиот оператор кај Владата, е да се овозможи систематско тестирање на патниците на аеродромите.