Демократската унија за интеграција (ДУИ) информира дека денескa го одржале петтиот редовен состанок на Генералниот совет, како највисок орган на партијата меѓу двата конгреса.
Според партиското соопштение под претседавање на претседателот на партијата Али Ахмети се дискутирале клучни теми со посебен акцент на актуелната политичка состојба во државава.
За нов потпретседател на ДУИ е назначен Бујар Османи како носител на долгогодишно искуство со континуирана посветеност и вложување во принципите на партијата. Дополнително, Собранието назначило тројца нови членови на претседателството, пополнувајќи ги испразнетите места од лицата што ја напуштиле партијата. Новоименуваните членови се Беким Незири, Илир Хасани и Арта Билали. Билали како секретар ќе го води Секторот за родова еднаквост.
-Лидерот Ахмети истакна дека земјата се наоѓа во една критична точка во однос на нашата европска перспектива и неопходните уставни измени за да продолжиме да се движиме по овој европски пат. Тој истакна дека закотвувањето на Северна Македонија во европското семејство, е највисоката форма на патриотизам за сите граѓани и заедници. Неодамнешната потврда од Европската комисија дека одредниците за отворање на поглавјата ќе се фокусираат само на патоказот за јавната администрација и владеењето на правото, наместо на односите со соседите, силно ги отфрлија тврдењата на опозицијата, соопштија од ДУИ.
На состанокот се зборувало и за односите на другите политички групации кон ДУИ.
-Претседателот Ахмети се осврна на загриженоста од создавање на хибриден политичко-економски центар против ДУИ, изразувајќи ја посветеноста на партијата за демократските принципи и решеноста да продолжи да работи во насока на унапредување на системските вредности и стандарди во Северна Македонија. Претседателот Ахмети и Генералниот совет го осудиле нападот врз првиот вицепремиер Артан Груби, карактеризирајќи го истиот како напад врз ДУИ, стои во соопштението.
На состанокот е разгледан извештајот на генералниот секретар на партијата Фатон Амети за резултатот од изборите внатре во партијата во десетици партиски ограноци.
-ДУИ се гордее со воспоставувањето на демократскиот принцип „еден член, еден глас“, осигурувајќи се на овој начин дека политичката моќ на одлучување е во рацете на народот. Оваа редовна седница на Генералниот совет на ДУИ одбележа важен момент за партијата, потврдувајќи ја посветеноста кон демократските вредности, напредокот кон европскиот пат и зајакнувањето на нејзините членови. Под визионерското раководство на Али Ахмети, Демократската унија за интеграција останува цврсто посветена на својата мисија за изградба на просперитетна и инклузивна иднина во Северна Македонија, се вели во соопштението од прес-службата на ДУИ.