Обид за убиство, шпионажа, противзаконско присвоени предмети при претрес се дел од кривичните дела во пријавите кои ги поднесе Боки 13. Тој од затворската ќелија каде ја издржува казната за случајот „Рекет“ каде тој е првообвинет, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева второобвинета, испрати писмо дека единствен начин да го спречат е да го убијат.
Во рачно напишаното писмото кое вчера го прочита неговиот адвокат Сашо Дуковски, а до кое дојде „Република“ Боки 13 од Шутка потврдува дека кривичните пријави, некаде околу 40, ги поднесува против политичари од власта, носители на јавни функции, кои се дел од актуелната власт, луѓе од нивните семејства и блиски до нив, како и бизнисмени.
Јовановски преку писмото не наведува за кои функционери станува збор. Тој потенцира дека не можат да го спречат во неговата борба со, како што ги нарекува, криминалците без разлика на дали ќе му се закануваат и уценуваат. Се пожали и дека тој и неговото семејство цело време добиваат уцени и закани, од оние кои според неговите зборови знаеле дека ќе заработат кривични пријави.
Но иако не ги посочи јавно имињата на јавните функционери, недвосмислено наведува дека стои зад секоја негова изјава во судот, како и зад онаа при читањето на пресудата, кога посочи парите од „Рекет“ да се бараат кај Зоран и Вице Заеви.
Писмото на Јовановски во продолжение
Почитувани претставници на медиумите, почитувана јавност, стручна јавност, почитувани претставници на дипломатскиот кор во нашата држава. Преку ова соопштение сакам да ви соопштам неколку важни факти и околности, повикувајќи се на начелото на транспарентност и начелото на висок степен на јавен интерес.
Поради степенот на јавен интерес и заложбата за вистинско владеење на правната држава, јас, Бојан Јовановски како подносител и пријавител на кривичните дела би сакал да ве информирам дека се работи за сторени кривични дела кои се сторени во изминатиов период и за истите кривични дела поседувам докази кои ги предавам пред надлежниот обвинител тука во ОЈО.
Сакам да ве информиран дека овие пријави за сторените кривични дела ги давам со целосна недоверба кон целиот јавно обвинителски систем во нашата земја, и токму поради таа основана недоверба побарав мониторинг од страна на меѓународната заедница и пријателските земји на кој главна заложба и императивна заложба е вистинското владеење на правната држава, а не користење на маркетинг политички трикови дека завладеала правната држава во оваа земја, а вистината е дека нема ни – П, од правна држава, туку само еден дерогиран правосуден систем во директна спрега со извршната власт.
За да се избегнат сите шпекулации. Јас со ова соопштение Ви кажувам дека пријавите се однесуваат на носители на јавни функции, лица политичари кои се дел од актуелната извршна власт, за лица од бизнис секторот, за неколку цивилни лица блиски до политичарите и носителите на јавни функции. Кривичните пријави се однесуваат на предметот „Рекет“, за сите неодговорени прашања за случајот „Рекет“ каде сум првостепено осуден. Кривични пријави поврзани со случајот кој е во судска постапка – „Меѓународен сојуз“, но и за сторени кривични дела за кои јавноста не е запознаена, а јас сум бил директен сведок, а се многу сериозни кривични дела, и за кои кривични дела се истите сторители, носители на јавни функции заедно во соизвршителство со членови на нивните семејства и нивни блиски соработници и сопартијци.
Почитувани, со оглед на степенот на кривична одговорност, за моите кривични пријави, за сензитивноста и доверливоста на сите факти кои ги изнесувам пред надлежниот обвинител, уште еднаш апелирам активно влучување на независни меѓународни правни тимови. Поради фактот што уште во месец ноември 2019 побарав да бидам изведен пред Републичкиот Јавен Обвинител – Љубомир Јовевски, но бев грубо и дискриминирачки одбиен преку негови изјави за медиумите со што го доведе во прашање својот професионален и личен интегритет и дигнитет. Бидејќи покажа селективност, предрасуди и исклучителна непрофесионалност делејќи лични квалификации за мене.
Во тоа име, и во име на вистината ќе ве молам побарајте го писмото кое му го испратив на Г-дин Јовевски во месец ноември да ви го даде на увид и да ја видите целата содржина на тоа писмо, за да нема забуни дека јас сум решил да пријавувам откако ме осудиле првостепено. Не, тоа е невистина. Барав да бидам изведен пред него – Републички Јавен Обвинител, многу порано од првостепената пресуда донесена без докази, само од политички причини, политички желби, и мотиви на политички поединци кои се директно засегнати.
Кривичните пријави се однесуваат на повеќе кривични дела опишани во кривичниот законик на Република Македонија, и тоа: Се работи за кривични дела: 1. Злоупотреба на службената положба и овластување, 2. Трговија со влијание, примање награда за противзаконско влијание, 3. Уцена, 4. Изнуда, 5. Измама, 6. Тортура, 7. Обид за убиство, 8. Шпионажа, 9. Повреда и кршење на Уставот на Република Македонија, 10. Противправно присвојување на предмети при претрес или во постапка на извршување, 11. Давање на лажен исказ, 12. Местење тендери , злоупотреби при јавни набавки, злоупотреба и оштетување на Буџетот ( Кривични дела против јавните финансии ), 13. Противправно стекнување и прикривање имот, 14. Несовесно лекување, 15. Неукажување на лекарска помош, 16. Расна и друга дискриминација, 17. Изработување и набавка на оружје и средства за извршување на кривично дело, 18. Изборна измама, 19. чл. 215 – Неовластено производство на дрога, 20. Злосторничко здружување.
Почитувани, јас ќе ги почитувам одредбите од ЗКП и поради тајноста на предистражната постапка нема да ги наведам имињата на сторителите на погореспоменатите кривични дела.
Сакам одговорно да Ви соопштам дека под целосна одговорност стојам позади секој свој збор и стојам позади изговорената реченица при изрекување на пресудата на 18.06.2020 година и истата соодветно законски и институционално ќе ја докажам. Затоа уште еднаш апелирам до нашата независна стручна јавност, меѓународната заедница, независни правни експерти – домашни и странски, веднаш и без одложување да се приклучат во овој значаен период за владеење на правната држава, за која толку многу се зборува, а ништо досега не се направи. Со оглед на условите во кои се наоѓам, со оглед на притисоците и заканите и огромната количина на докази и сознанија кои во наредниов период ќе ги пријавувам во ОЈО и ќе ги пријавувам очекувам сериозен и професионален однос кон мене согласно закон и Уставно загарантирани права.
Во однос на мојата сегашна позиција и пеналните притворски услови во кои се наоѓам, ќе нагласам дека од денешна перспектива е и повеќе од јасно зошто само јас сум држен по секоја цена во притвор, додека вистинските криминалци шерифуваат и командуваат.
Апелирам до целата јавност, стручна, независна, меѓународната заедница со големо внимание да го следи процесуирањето на моите кривични пријави, бидејќи имам основано сомневање дека веќе пријавените лица се запознаени со моите пријави – со содржината и доказите, и дека ќе се обидат, како што и се обидуваат да ме спречат, да вршат притисок врз мене и моето семејство, но одговорно Ви тврдам дека нема да ме спречат што и да применат како методи за уцени и закани. Единствено ќе ме спречат доколку ме лишат од живот. Односно доколку посегнат по мојот живот, но повторувам нема да ме спречат во мојата чесна граѓанска обврска и должност, ниту пак ќе ме спречат во мојата намера и во борбата со вистинските криминалци и сторители на кривични дела.
Со случајот „Рекет“ си игравме правна држава, но доста беше, таа фарса првостепено заврши, сега треба да дојде време на вистинско владеење на правната држава, каде поштедени нема да има и каде нема да се крие мојот телефон и да се спречува негово вештачење, сега се Ви е појасно, зошто мојот телефон не е вештачен и зошто тоа го спречуваа во судската постапка по секоја цена.
Преку бранител и полномошник Сашо Дукоски,
Своеволно, Своерачно,
Со почит Бојан Јовановски.
Своевремено Заев беше човек кој го примаше Бојан Јовановски во неговиот кабнет, а не се забораваат ниту неговите пофални зборови за роденденот на 1ТВ.
-Едно од добрите нешта кое што им се случи на нашиот народ и на нашата земја е 1ТВ. Со својата новина, шареноликост, разноликост која што зрачи, навистина ги збогатува содржините во сите наши домови. Дури и за нас политичарите знае и добро да мавне, а знае и да го испрезентира тоа што е добро за граѓаните и државата. Јас верувам дека ќе продолжи вака да му пркоси на тешкото време за медиумите пред се од финансиски аспект, знаејќи дека доаѓа подобро време, истакна Заев.