Денес пред нас имаме предлог закон за изменување и дополнување на закон за студентски стандард со кој се врши изменување и дополнување на членот 49 од Законот за студентски стандард во насока во воведување на нов тип на студентски стипендии за студентите запишани на студиски програми на високообразовни установи за образование на наставен кадар во предучилишно воспитание, основно и средно образование. И како што слушнавме од заменик министерот целта на ова законско решение е да се мотивираат завршените средношколци кои што имаат високи резултати и да го продолжат своето образование на факултети при реализирање на студиски програми за наставен кадар за предучилишно воспитание, основно и средно образование. Со што секако би се очекувало подобрување на квалитетот на образованието преку обезбедување на квалитетен наставен кадар во сите нивоа од образовниот систем, и дотука се е добро. Но целта на ова законско образложение е одлично но како што реков само дотука, потенцираше Павлинче Честојнова, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата при заседавање на седница во Собрание на Република Македонија.
Честојнова образложи дека ако го погледнеме образложението на овој предлог закон односно што се предлага ќе видиме дека се работи за чист популизам. И дека е потребно голема доработка на овој предлог закон, бидејќи ваков каков што е чиста математичка манипулација и ништо повеќе.
-Поточно во постојниот закон стои дека од вкупниот број на стипендии 50% се за студенти од социјалните категории, 30% се за студенти кои постигнале особен успех во учењето и 20% се за студенти кои се запишани на студиски програми од научните подрачја на природно математичките, техничко технолошките, биотехничките или медицинските науки. Со новиот предлог закон ставот 10 се менува и истиот уредува дека вкупниот број на стипендии кои ги доделува МОН бројот на стипендии не се менува. Вкупниот број на стипендии останува и не се зголемува. 49% се за студенти од социјалните категории значи се крати од студентите од социјалните категории, појасни Честојнова.