Македонскиот народ не е искомплексиран! Искомплексиран е Никола Димитров и неговиот ментор Зоран Заев кои мислат дека се поголеми демократи доколку се откажат и негираат се што е македонско, порача денес Павлинче Честојнова, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
-Никола Димитров зема пари од граѓаните за да ги брани интересите на државата, а не за да го навредува сопствениот народ. Граѓаните кои дури го плаќаат и школувањето на неговата ќерка надвор од Македонија не заслужуваат и не смеат да бидат навредувани од вакви карактери. Никола Димитров на амандманската расправа го навреди сопствениот народ нарекувајќи го искомплексиран и за тоа треба да понесе одговорност, истакна таа.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ порача дека Никола Димитров веднаш треба да поднесе неотповиклива оставка.
-Димитров откако ја погази волјата на граѓаните на Република Македонија, сега се дрзна да ја навреди целата македонска нација. Договорот од Преспа кој што го потпишаа Зоран Заев и Никола Димитров е штетен и капитулантски. Со овој договор Димитров и Заев ги лечат сопствените комплекси. Договорот кој насила се турка во Собранието ги урниса темелите на македонската држава и истиот не доби одобрување од граѓаните на Република Македонија. Граѓаните на референдум јасно кажаа дека не се согласуваат со штетниот договор на Заев и Димитров и со бришењето на македонскиот идентитет. Власта не доби мандат од граѓаните за ова обезличување на македонскиот народ и урнисување на државата. Доколку Димитров нема патриотско чувство и црвени линии во себе, македонскиот народ има. Токму затоа народот јасно и порача на власта дека не смее да го менува Уставот и уставното име на Република Македонија Покрај оставката Димитров треба веднаш да се извини за навредите и газењето на достоинството на македонскиот народ. Време е да си заминат и Димитров и неговиот ментор Зоран Заев, порача Честојнова.