По најавата на Управата за хидрометеоролошки работи за нестабилно време денеска, со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, Центарот за управување со кризи (ЦУК) ги повика граѓаните во земјава на внимателност од силно локално невреме и можни опасни порои од обилен дожд викендов.
-Согласно информацијата од УХМР, ЦУК превентивно апелира и препорачува граѓаните во земјава од попладнево викендов да избегнуваат локално движење во и покрај суводолици и други стари корита – водотеци, како и во долови по коишто се слевале порано порои од обилни дождови. Конкретно, концентарацијата на врнежи на одреден простор е со голема веројатност можна во делови на земјава, проследено со силно локално невреме. Постои голема можност да биде голема и опасна поројната вода по околината таму каде што ќе зафати поројониот дожд што се предвидува да падне во делови од земјава, наведува ЦУК во апелот.
УХМР соопшти дека под влијание на циклонска активност од југозапад денеска и утре времето ќе биде
нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
-Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (за кратко време со поголеми количества воден талог), електрични празнења, силен ветер од над 70 километри на час и појава на град. Утре преку денот температура ќе биде пониска за 3 до 5 степени, најави денеска Управата.
Од понеделник нестабилноста ќе се намали и повторно ќе преовладува потопло време.