Директорот на Институтот за имунологија, доктор Александар Петличковски за „Слободен печат“ вели дека има прилично сериозни податоци кои укажуваат на тоа дека природниот имунитет е подобар од вакциналниот имунитет.
Тоа, според него секако, не значи дека граѓаните треба да трчаат по инфекција за да имаат подобар имунитет против Ковид-19, затоа што и вакциналниот имунитет е споредлив.
Тој за Слободен печат споделува израелска студија објавена пред неколку дена, спроведена на огромна група испитаници.
-Оваа студија потврдува дека природниот имунитет е многу солиден. Израелската студија е спроведена на огромна група испитаници и потврдува дека луѓето кои имаат поминато Ковид-19, поретко се инфицираат со Сарс Ков 2, отколку луѓето вакцинирани со две дози.
А најдобриот имунитет пак, имаат луѓето кои имаат поминато болест и имаат примено една доза вакцина. Сето ова се однесува на вакцината на Фајзер, вели тој и меѓудругото посочува дека најдобрата комбинација за имунитетот е откако ќе се прележи инфкцијата да се прими една вакцина која дава уште подобар имунитет.
Од друга страна пак министерот за здравство Венко Филипче тврди дека имунитетот од вакцина е поефикасен и подолго трае отколку имунитетот од прележувањето на ковид-19.
– Нема дилема дека антителата штитат одреден период. Но, суштината е дека имунитетот од вакцината е поефикасен. Граѓаните треба да се стекнат со подолготраен имунитет и да го заштитиме здравствениот систем. Препораките од нашиот комитет се должат на повеќе студии. Траен имунитет е вакциналниот имунитет. Убеден сум дека ќе го издржиме овој бран, ако треба ќе се организираме дополнително, истакна Филипче неодамна на прес-конференција.