Пред три дена во бркотница со автомобили на Водно беа повредени тројца полицајци кои се обиделе да запрат маж и жена кои бегале од нив.
Возилото во кое биле мажот и жената било бркано затоа што не ја почитувало забраната за движење низ шума поради пожарите, објавува Експрес.
Во официјалниот билтен на МВР од 17 август МВР го објавува настанот но тој е единствениот во кој не се наведуваат иницијалите на луѓето кои се сторители односно поради кои настрадале тројцата полицајци.
“На 17.08.2021 околу 01.45 часот во Сончев град, на патот кон ул.„Мариовска“ за место викано „Теферич“, при даден знак за запирање од полициски службеници на патничко возило „шкода октавија“, без регистарски ознаки, во кое биле едно женско и едно машко лице, возилото не застанало. При обид да ги запрат, службеното возило на МВР излегло надвор од коловозот. Притоа, еден полициски службеник се здобил со тешки телесни повреди, а двајца полициски службеници со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Се работи на расчистување на случајот”, пишува во билтенот на МВР во кој невообичаено за вакви настани не се објавени иницијалите на луѓето кои предизвикале повреди на тројца полициски службеници.
Поради необјавените иницијали од кои ќе беше јасно за кого се работи во јавноста од полициски извори почнаа да се шират информации дека мажот кој по полноќ бил бркан низ парк шумата Водно бил висок полициски службеник во една од најважните полициски специјални единици.
Според истите информации од полициски извори неговите иницијали како и иницијалите на неговата пријателка не се објавени во полицискиот билтен на МВР по жесток притисок од владини функционери во институција каде како обезбедување работи братот на предизвикувачот на повреди кај тројцата полицајци.
Иако МВР најави дека се работи на расчистување на случајот се уште нема информација каква кривична пријава добил човекот чии иницијали МВР не ги објави во својот билтен.
Во билтенот на МВР нема информации ниту за информациите дека лицето чии иницијали се кријат од полицајците бегал со службено возило.