Скопје, 21 април 2020 (МИА) – Предлозите за ослеснување на мерките за движење на населението, како и дополнителните мерки за заштита како носење заштитна опрема Владата ќе ги разгледува утре на седница, на предлог на Комисијата за заразни болести.
-И Владата и премиерот уште во текот на викендот најавија воведување меки мерки со цел олеснување на рестрикциите. Барањето и конкретниот предлог за скратување на полицискиот час дојдоа од Комисијата за заразни болести, а истите беа презентирани утрово на главниот кризен штаб од страна на министерот Филипче. Никој од членовите на Штабот не беше против, појаснуваат од Владата за МИА.
Оваа комбинација на мерки, велат, ќе дозволи луѓето порастоварено да се движат, истовремено зголемувајќи ја потребата за лична заштитна опрема на секој граѓанин додека се движи.
Се предлага да се направат следните измени: полицискиот час секој работен ден да започнува во 19 часот наместо во 16 часот како што беше досега. Со ова ќе се добијат дополнителни часови граѓаните да ги завршат обврските и да набават намирници, за повозрасните граѓани наместо од 10 до 12 часот да продолжи времето на движење од 8 часот до 12 часот, продолжување на периодот во кој се движат младите до 18 години и тоа ќе биде од 13 до 16 часот. Предлог е полицискиот час за време на викендот да остане, но со скратено време и сега да почне во сабота во 13 часот и да заврши во понеделник во 5 часот. Останува забраната за групирање на граѓаните и сите други мерки кои се во сила во однос на физичката дистанца, користењето на јавните површини и парковите.
Паралелно со ова релаксирање на мерките, се предлага воведување нови задолжителни мерки на лична заштита и граѓаните ќе треба да носат лична заштитна опрема на лицето при движење во затворени објекти и на отворено во ситуација кога нема да бидат во можност да се одржи препорачаната физичка дистанца од два метри.
Попрецизно заштитна опрема треба да се носи при движење во сите јавни места од затворен тип како маркети продавници, банки, пошти, чекалници, здравствени установи каде има повеќе лица. Во однос на отворените површини заштитната опрема мора задолжително да се носи на места каде нема простор за дистанца од два метри. Задолжително носење на заштитна опрема важи на пример за пазарите како најдобар пример за место од отворен тип. Исклучок за носење заштитна опрема на отворено се прави само ако лицето носи заштитна опрема на работа која е пропишана со работното место како погони, фабрики…, ако престојува во двор на семејна куќа, вози велосипед или спортува на отворено и ја држи потребната дистанца од два метри и не го прави тоа во групи согласно постојните рестрикции, при возење во патничко моторно возила со лица со кои лицето живее во заедница или домакинство или при движење на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метри од другото лице кое е во непосредна близина.