Автопатот Штип-Миладиновци ќе биде пуштен за 10 до 15 дена најави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, кој денеска заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески извршија увид во реконструкцијата на регионалниот пат Пробиштип-Злетово. Потенцираше дека во изминатите месеци се корегирале грешките што се направиле при проектирањето на автопатот, во кои не било предвидено пристап на сервисни патишта за населението од светиниколскиот регион, а се поставува и заштитната мрежа по должината на автопатот.
-Од изведувачот „Синхидро“ добивме известување на 19 декември дека автопатот е готов, но повторувам по кој знае кој пат дека бевме во инспекција и видовме дека еден дел од сервисните патишта и што е поважно за безбедноста на учесниците во сообраќајот мрежите, што се покрај автопатот не се завршени. Беа завршени 60 отсто, а 40 отсто не беа завршени и затоа дадовме налог кинескиот изведувач „Синохидро“ да си ги заврши. На мое и на ваше задоволство можам да кажам дека направив увид на некаде десетина километри во моментов не е заврешена мрежата и ако земете во обзир дека некаде на еден километар на ден се поставува мрежа, значи за 10 до 15 дена ќе биде пуштен патот. На некои места ќе има времен сообраќаен режим, каде што ќе се прават клучките за помошните места, за сервисните патишта за да граѓаните си одат до своите парцели, вели Китанов.
Тој најави дека за два до три месеци ќе почне и изградбата на патарините на автопатот Штип-Миладиновци, каде што на тие места ќе има и времен режим на сообраќај.
Инаку пред точно една година Зоран Заев на дуелот со лидерот на опозицијата одржан во мај месец 2018 година, ветуваше дека до крајот на 2018 година граѓаните треба да очекуваат рестартирање на Југохром, но и отворање на автопатската делница Миладиновци Штип.
-До крајот на годината очекуваме да се заврши Миладиновци-Штип,тоа е исто така многу важна делница- изјави Зоран Заев на дебатата, а веќе половина година сеуште од необјасниви причини почетокот на оваа автопатска делница се одложува.
Нели до крај на 2018 година требаше да биде пуштен автопатот?!?!?!@Zoran_Zaev @VladaMK pic.twitter.com/Bd876ThDFZ
— Сушанто Рој (@susantoroj) April 2, 2019
Ова е уште еден доказ дека владата предводена од Премиерот Зоран Заев се соочува со мошне слаба реализиација на проектите кои ги ветуваше пред граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ минатата година истакна дека СДСМ ветуваше инфраструктурен бум, а гледаме инфраструктурна стагнација.
-Автопатите и магистралните патишта кои ги најави СДСМ се отпочнати во време на ВМРО-ДПМНЕ, а голем дел од нив се доведени во финална фаза на реализација. Овие патишта беа неосновано запрени подолг временски период. Автопатот Демир Капија-Смоквица, е проект целосно реализиран во време на ВМРО-ДПМНЕ, неговото пуштање во употреба неосновано се одложува повеќе од 10 месеци поради неспособноста на властите. Доколку ВМРО-ДПМНЕ беше на власт овој автопат ќе беше пуштен во употреба. СДСМ неосновано ја запираше и изградбата на автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. Со што го пролонгира рокот на нивно завршување и пуштање во употреба, особено на патот Миладиновци – Штип, кој доколку беше ВМРО-ДПМНЕ на власт сега ќе беше пред пуштање во употреба. Ниту еден пат кој беше презентиран од Заев не е нов проект. Овие патишта се проекти на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ наместо да троши време на прес конференции треба да ги продолжи проектите со цел нивно побрзо пуштање во употреба. Граѓаните не се со кратка меморија и знаат, кој што и кога направил за Република Македонија, велеа од ВМРО-ДПМНЕ во март минатата година.