четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ДEЦА ПРЕЖИВЕАЛЕ ГОЛГОТА ВО ГРЦИЈА, РОДИТЕЛИТЕ ИЗРЕВОЛТИРАНИ: Без храна, во мизерни услови, понижени и заплашувани (ФОТО)

ВАКВО ИСКУСТВО НЕ СМЕЕ ДА ДОЖИВЕЕ НИТУ ЕДЕН РОДИТЕЛ!
ДEЦА ПРЕЖИВЕАЛЕ ГОЛГОТА ВО ГРЦИЈА, РОДИТЕЛИТЕ ИЗРЕВОЛТИРАНИ: Без храна, во мизерни услови, понижени и заплашувани (ФОТО)

Да издвоите голема сума на пари од месечниот финансиски буџет на семејството во време кога секој претрпе штета од пандемијата со коронавирусот, сигурно е многу тешко. Да испратите дете на одмор со цел по долга изолација да се дружи со врсниците и да му пружите малку задоволство, е нешто кое со сигурност секој родител би го направил.

По ова, замислете вашето дете да го соочите со ужасно искуство, неисполнети замисли, разочараност, малтретирање, да биде оставено без храна, да спие во валкана соба, опкружено со, во најмала рака, мизерни услови. Ќе се чувствувате тажно, луто и револтирано, нели?

Ова го доживеаја родителите на повеќе од 100 дечиња од Скопје кои си ги испратија децата на летен камп во Грција. Добиле понуда од една скопска туристичка агенција (позната на редакцијата на КУРИР), за седумдневен аранжман со полн пансион, во хотел со базен, климатизирани соби, обезбеден интернет…

 

Добиле сцена како од после завршување на голема поплава.

КУРИР ги пренесува деталите од ова страшно искуство кое го доживеаја голем број на родители. Дел од нив ја контактираа редакцијата на КУРИР, а потоа и ние побаравме информации од повеќе лица со ова искуство.

Секој родител платил по 250 евра за 7 дена и 6 ноќи.

 

„Чекајте, хотелов не очекуваше гости“

Според сведоштвото на родителите, голготата на децата започнала уште при самото пристигнување. Наместо хотел за кој платиле нивните родители, биле донесени во руиниран објект, каде од рецепционерот слушнале дека не очекувале гости и дека хотелот не е подготвен за старт на сезоната. Чекале со часови собите да бидат исчистени бидејќи истите биле во многу лоша состојба.

 

„Децата оставени ГЛАДНИ“

Според понудата која ја платиле, првиот ден на децата требало да им следува ручек и вечера. Но, хотелот ги оставил гладни. Во понудата која ја добиле од скопската туристичка агенција било наведено дека појадокот и вечерата ќе бидат послужени на шведска маса, а ручекот е во порција.

Децата веднаш се пожалиле на родителите дека првиот ден не добиле ручек и вечера, седеле и чекале гласни, а на две деца им се слошило. Тогаш, биле однесени на гиро надвор од хотелот.

Ниту следниот ден не добиле храна каква што требало да добијат. Замислете во каква состојба биле родителите кои испратиле деца на летен камп во Грција, а тие од таму им се жалат дека се гладни!

КУРИР поседува фотографии и видео материјал од условите, меѓу кои и храната која е далеку од тоа што му треба на едно дете да јаде. Појадок – една кифла, две мали виршли и мал путер!

Чекале да дојде ручекот за конечно да добијат нормална храна. Тоа не се случило. Ги сликаат порциите и ги праќаат преку интернет од околниот ресторан бидејќи во хотелот иако било наведено дека има ви-фи, немало. Тоа е уште еден голем проблем, неможноста да се слушнат со своите родители.

Еве што добиле за ручек. Без додаток и без можност за репете.

 

Да почнеме со ред.

Ова е првото сведоштво на мајка до кое дојде редакцијата на КУРИР.

На 1-ви јули тргнати се три автобуси од туристичката агенција ***. Два автобуси се тргнати од пред Хотел Русија од основните училишта Љубен Лапе и Ѓорѓија Пулевски од Аеродром. И еден автобус од пред хотел Александар Палас со ученици од неколку средни училишта. Наставничката (идентитетот е познат на редакцијата на КУРИР) од основното училиште Љубен Лапе” мене лично ме извести за понудата во Грција.

Преубаво хотелско сместување со 4+* полн пансион, на база шведска маса за појадок и вечера и за ручек порција. Клима во сите соби, wi fi во целиот хотел, со преубав базен, многу активности за деца. Но, од целата оваа понуда не добивме ниту 10%. Шведска маса НЕМА, клима нема, базенот мочуриште со полноглавци, wi fi во хотелот нема воопшто (имаат интернет на плажата пред хотелот, каде што секој ден плаќаат лежалки дополнително 3 €.

На 1ви јули кога пристигнале децата, хотелот не бил исчистен. Постелнина прљава, вц шољи прљави, целиот хотел во прашина, за дворот и базенот веќе има на видеото што го снимив утрово.

Кога добиле мала порција, следниот ден за ручек, моето дете се обратило до наставничката ***, дека сака повеќе помфрит, ќерка ми добила одговор, не може, ќе нема за сите деца доволно

  

По првото сведоштво кое го добивме, редакцијата на КУРИР ја контактираше и другата страна – скопската туристичка агенција. Од таму добивме одговор кој, професионално, го пренесуваме во целост:

ПРАШАЊА ОД КУРИР:

Група на загрижени и револтирани родители ја контактираа редакцијата на КУРИР откако ги испратиле своите деца на летен камп во Грција, преку вашата туристичка агенција.

Од фотографиите и видеата кои ги поседуваме јасно се гледа дека локацијата на која се сместени и условите кои таму ги добиле се, во најмала рака, мизерни, но и далеку од сето тоа што го добиле како понуда од вашата туристичка агенција.

Ве молиме за одговор:

-Дали сте запознаени со овој случај и дали превземавте нешто до сега?

-Чија е вината што децата не ги добиле условите за кои кај вас платиле нивните родители?

-Дали доколку се покрене барање и постапка, родителите ќе бидат финансиски обесштетени од ваша страна?

 

ОДГОВОР ОД АГЕНЦИЈАТА:

 

Ви благодариме за контактирањето на нашата агенција. Во прилог наши одговори:

 

1.Запознаени сме од пишувањето на особата по социјалните мрежи на забелешките кои ги има. До денес 05/07/2021 се нема обратено директно до нас да ни ги достави забелешките по усмен или писмен пат на што и се оврзува во договорот кој го има потпишано  за патување со нашата агенција. Пишувањата апсолутно не се точни сем базенот кој не е детално очистен и кој е е ниту ќе биде во употреба поради запазување на ковид мерките пропишани во Р Грција.

2.Не гледам вина од наша страна, хотелот е среден, собите комплетирани со претходни мали пропусти. Храната е во ред. За сите овие информации ПОСЕДУВАМЕ ФОТОГРАФИИ. Ве молам како да ви ги доставиме на вибер број.

3.Доколку се покрене спор, секако страната која што ќе го изгуби спорот ќе мора финансиски да ја обештети другата страна.

– Не постои ГРУПА на загрижени родители туку  се работи само за 1 родител кој реагира  на целиот случај. До сега други поплаки немаме ниту по усмен / писмен ниту на социјалните мрежи. Во моментот во хотелот имаме 129 деца кои си поминуваат одлично.

-Чија е вината што децата не ги добиле условите за кои кај вас платиле нивните родители?  – Децата ги имаат добиено условите за кои имаат платено со мала забелешка околу неисчистениот базен кој повторно нагласувам дека нема да се употребува и мал дел од собите, кои веднаш беа повторно темелно очистени.

Доколку Ви се потребни и други информации, Ви стоиме на располагање!

Иако мајката од која го добивме првото сведоштво, за сето тоа што го кажува ни достави и релевантни докази, по ваквиот одговор од агенцијата КУРИР го продолжува истражувањето и контактира и други родители кои на ова патување ги испратиле своите деца.

Еве што ни кажа друга мајка:

Имале проблем со сместувањето. Им било кажано дека воопшто не било планирано хотелот да биде отворен оваа сезона. Тотално бил неисчистен. Во собата позади креветите имало и пикавци. Погрозно не може. Чекаа до касни да им дадат вечера. Мене ќерката ми се јави, ми вели „Умираме од глад, немаме јадење“.

На некои деца им се слошило, па ги однеле да им купат гиро. Им се слошило на децата од глад. Децата почнале да плачат, да се грижат кога немале што да јадат. Најголем дел од собите немале тераса. Децата немале ниту каде да исушат пешкири, но тоа е најмалку важно кога имавме толку многу други проблеми.

Тој од агенцијата требало да оди пред децата да види во какви услови ги носи. Тоа не се деца од улица, ние не бараме луксуз.

Мене базенот не ми е толку важен, сакав децата да се бањаат во море, но другите деца сакале, а тоа го имаше и во понудата.

 

 

Едно утро ми пишува ќерката за појадок добиле леб, мармалад со лажичка ставено и путер. За ручекот мало парче месо, ни салата ни репете. За вечера макарони со кечап.  А во понудата плативме за шведска маса. Следниот ден за ручек истото, што им останало. Откако многумина се пожаливме, следното утро им наместиле шведска маса. Ова е сервирано за над 100 деца.

Контактиравме и еден татко кој го испратил детето на ова патување. Ни ја раскажа истата слика како другите две мајки, додавајќи:

-Страшно разочарување. Доручекот денес ист како вчера – катастрофа ми велат децата. Едно ни нудеа, а не добивме ништо. Децата требаше интернет да имаат да се слушаме со нив. Хотелот не ни очекувал деца.

Добивме сведоштво и од друга мајка. Приказната иста како на останатите родители, но таа веднаш пријавила.

-Уште првиот ден се јавив во агенцијата, ми рекоа да го барам ***. Го побарав, му реков да ми го врати детето и парите затоа што ќе пријавам и во медиуми. Тој ме убедуваше дека се ќе се среди дури слики ми прати од фискална сметка дека тој им ги платил гирата првата вечер, да не се секираме. Ова е за инспекција итно, вели мајката.

До редакцијата на КУРИР пристигна сведоштво од уште еден татко. Ни го потврди истото како и другите родители.

-Недостатоци, немале доволно топла вода, нема чист тоалет, нема интернет. Децата ова го пријавиле уште првиот ден, но од таму не е реагирано.

Низата изјави кои ги добивме од родителите кои своите деца ги испратиле на овој камп, како и нивните фотографии и видеа кои ги добивме, ДОКАЖУВААТ ДЕКА ПРВОТО СВЕДОШТВО НЕ Е ИЗОЛИРАН СЛУЧАЈ!

Дел од родителите, минативе денови веќе заминаа во Грција и си ги зедоа своите деца дома.

Односот на една од наставничките е исто така нешто кое вреди да се потенцира бидејќи е недопустлив! Таа им се заканувала на децата кои се жалат кај родителите дека ако продолжат да се жалат кај родителите, ќе ги врати во Скопје.

КУРИР побара одговори од Државниот пазарен инспекторат. Што можат да превземат родителите?

Во врска со вашиот допис ве известуваме дека треба да се достави приговор до агенцијата согласно Законот за туристичка дејност – стои во нивниот одговор.

Редакцијата на КУРИР поседува бројни докази, необјавени сведоштва, фотографии и видеоматеријали. Ако е потребно и ако некој го демантира сево ова, подготвени сме да му ги доставиме и објавиме.

Идентитетите на сопственикот на агенцијата, наставниците кои се таму, како и на родителите се познати на редакцијата на КУРИР, но засека истите нема да ги објавуваме.

ВАКВО ИСКУСТВО НЕ СМЕЕ ДА ДОЖИВЕЕ НИТУ ЕДЕН РОДИТЕЛ!

 

Најнови вести