Има ли крај на оваа самопонижување? Зоране, пријателе, збoруваш од позиција на Премиер во име на сите нас, не понижуваш сите, газиш по нашата историја и коските на нашите предци, пишува градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.
-Македонците и сојузничките балкански народи беа и сеуште се антифашисти. На 11ти Октомври ќе треба на кумановската и прилепска спомен костурница заедно да положиме цвеќе на жртвите на фашизмот, јас како градоначалник а ти како актуелен Премиер. Сега молкот е повеќе од срам!, додава тој.
Инаку, премиерот Зоран Заев смета дека на фашизмот не треба да му се дава етнички предзак, па затоа од спомениците и учебните ќе биде отстранет зборот „бугарски“ а ќе остане само „фашистички окупатор“.
Според Заев, и во Македонија за време на Втората светска војна имало лица кои биле соработници со фашистите и затоа не треба сега нациите да се врзуваат со фашизмот.
-Во делот на европеизацијата на земјава и нашата европска перспектива наше е дали ќе даваме етнички карактеристики на фашистичкиот окупатор. Ние зборуваме за политичкиот дел на одлучување кое се однесува на провокативност и неевропски манири, a други се областите на историската комисија. Во европските земји фашизмот нема етничка боја, нема национална боја. Фашистичкиот окупатор има поставеност во делови на структури, групи, или би го нарекол, одредени лидерства во целиот овој период. Ние имавме соработници на фашизмот и овде во Македонија целиот тој период. Не може да кажете дека цела една нација била фашистичка. Не можете да кажете и за нас дека сме биле сите со партизаните, бидејќи имало и некои кои биле соработници на фашистичкиот окупатор во Втората светска војна, рече премиерот Заев одговарајќи на новинарско прашање.
На прашањето што ќе учат децата, од кого била окупирана Македонија и кој бил фашистички окупатор, Заев кажа дека граѓаните апсолутно ќе знаат кој бил на страна на фашизмот, но повтори дека не треба да се дава етнички предзнак и етничка придавка пред фашистичкиот окупатор.
„Фашистичкиот окупатор е Третот Рајх и пактот создаден од Германија, Италија и Јапонија, на кој се придружија земји меѓу кои и Бугарија. И тука нема дилема дека тој фашистички окупатор ја има окупирано земјава. Но, не можете да ги осудите и децата на тогашните генерации и сите од таа генерација дека биле фашисти“, рече Заев.