Екстремно големото загадување на воздухот, на почвите, на водите не е само прашање за животната средина, тоа е прашање поврзано со здравјето на луѓето, тоа е прашање поврзано со иселување на младите, тоа е прашање кое што е поврзано со достоинството на животот на луѓето. Околу 3.500 граѓани во Македонија умираат како последица од загадениот воздух, вели професорот и експерт Даме Димитровски, на денешната трибина „Промоции на политики – Македонија за сите луѓе“.
Тој додаде дека не е прв пат да се зборува за решавање на проблемот со загадениот воздух, иако претходно се зборувало за стратегии и планови за намалување на загадениот воздух ништо не се реализирало.
-И до сега се зборуваше и се промовираа планови и мерки, но гледано од експертска страна ќе кажам дека најголем дел од овие планови не се остварија, најголем дел од мерките не се реализирани, а дури и поголемиот дел од мерките, плановите, стратегиите кои што се прикажуваа во јавноста се целосно заборавени, смета тој.
Димитровски посочи дека во главниот град, скопјани и покрај тоа што постојано се жалат на загадениот воздух, ниту Инспекторатот на Градот Скопје, ниту пак инспекторатот за животна средина немаат слух да го решат овој проблем и да се спротивстават на загадувачите.
-Секојдневно граѓаните на Скопје се жалат на загаден воздух, на прекумерна бучава од најразлични извори, се жалат на нови ѓубрива, нови сметишта, а Инспекторатот на Градот Скопје и Инспекторатот за животна средина не наоѓаат сила да ги решат тие проблеми да се спротивстават на загадувачите, вели Димитровски.