Додека фирмите на примиерот Зоран Заев и на поранешната министерка за финансии, Нина Ангеловска, во ек на економска криза земаа помош од државни пари, повеќе од една третина од фирмите во земјава се со блокирани сметки. Според последниот извештај на Народната банка во месец јуни блокирани биле сметките на 25.603 правни лица, односно речиси 34% од вкупниот број активни фирми во земјава.
Експертите и бизнис заедницата велат дека КОВИД-19 кризата само дополнително ја влошила состојбата со ликвидноста на фирмите.
„Тоа е една компилација од проблеми или начин на функционирање. Во последно време кризата го донесе своето, многу компании се затворија и имаат намера да затвараат“, рече деновиве Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија.
Во април месец годинава, кога работниците на фабриката за производство на предиво и волница „Тетекс Јарн Лимитед Втор“ по врот пат протесираа барајќи исплата на платите за февруари и март раководството на фирмата им рече дека нема да им ги исплати платите поради тоа што фирмата има блокирани сметки.
Сега се поставува прашањето, на колку лица, вработени во овие фирми, во време на криза не им е исплатена или им доцни платата? Да не заборавиме дека владата имаше пакет анти кризни мерки кои, меѓу другото, беа насочени кон македонските фирми.
Експертите велат, за да се реши ова потребни се повеќе пари, кои што македонските компании во овој момент сè уште ги немаат. За таа цел владата треба да размисли за дополнителни пакети мерки за поддршка.
„За таа цел можеби треба да размисли и Владата за дополнителни пакети мерки не само за поддршка, туку и за своја активност, сè со цел за отварање на други економски пазари, затоа што факт е дека ликвидноста на домашниот пазар е недоволна и предизвикува сериозни финансиски контракции кај економските оператори. Значи, ова е проблем кој бара структурни и системски мерки за да тече полесно бизнисот, а за тоа требаат повеќе пари, кои што македонските компании во овој момент сè уште ги немаат”, вели Зоран Ивановски, универзитетски професор.
Но, дали парите од пакетот мерки за поддршка на спопанството стигнаа до фирмите кои имаа потреба од финансиски средтва за да можат да ја пребродат економската кризата?
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, реагираа дека приватните компании на Зоран Заеви и Нина Ангеловска земале државна антикризна помош додека стотици компании редат клуч на врата.
Од таму посочуваа дека фирмата на Заеви, Еленица, која инаку е профитабилна фирма, добила финансиски средства државна помош во вредност од над 800 илјади денари, додека пак фирмата на Ангеловска „Вебспот“ земала помош од антикризните мерки во вредност од 600.000 денари.