Фирмите на семејството Заеви, во 2018 година прокнижиле приходи од над 56 милиони евра.
За ова, вчера говореа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Портпаролот Наум Стоилковски во изјава за медиумите кажа дека има 56 милиони причини за сомнеж за корупција во семејните компании на премиерот Зоран Заев.
-Се додека на јавна функција се политичари кои што се сопственици, или влијателни акционери на компании, има можност за корупција и влијание на економските текови на државата. Во овој случај, најмалку 12 компании на кланот Заеви, може да бидат причина за корупција и за насочување на државните економски текови. Ваквата состојба, отвора можност економските политики на државата да се креираат соодветно на бизнис интересите на компаниите на функционерите. Се остава можност за штелување на условите на државните тендери, да се приспособуваат во однос на капацитетот на овие фирми. Примери за ова има многу, од тендерите во здравството директорка – ќерка дели тендер на татко – бизнисмен, преку примерот со вицепремиерот Анѓушев и случајот „Тополки“, примерот со Фондот за иновации за тоа колку семејни компании имаат јавни функционери, но најекспониран е примерот на Зоран Заев и 12-те компании поврзани со неговото семејство, истакна вчера Стоилковски и додаде:
„Да потсетиме, Советот за јавни набавки е укинат, односно нема контролен механизам за проверка на сите тендери, лиценци и договори што ги добиваат, на пример, фирмите на Заеви, за да се види дали има префрлање на буџетски пари, дали конкурирале и добивале државни бизниси? Во исто време Македонија ја тресат скандали поврзани со корупција и злоупотреба на моќта, почнувајќи од струмички „Глобал“, до транспорти, градби, ископи, позајмици, до полињата со марихуана. ВМРО-ДПМНЕ бара сите политичари кои што вршат јавни функции, доколку се сопственици, косопственици или пак акционери во одредени компании, бараме суштински да се отуѓат, бидејќи отвораат можност за корупција и насочување на економските текови на државата кон лични цели. Формалното бришење од сопственост, или формалното замрзнување на своето делување во компаниите на политичари кои истовремено се и јавни функционери, како Заев, оставаат реална можност за злоупотреба на позицијата на моќ. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го отуѓи делот и повеќе не е сопственик на компанија. Очекуваме Заев и оние од неговиот октопод да го сторат истото. Доколку не го сторат тоа само ќе ја засилат перцепцијата дека државните функционери, како премиерската функција се користат за влијание и зголемување на профитите на семејните фирми“.
Инаку, ниту една фирма не е регистрирана на името на Зоран Заев, туку сите фирми се регистрирани на името на брат му Вице Заев, татко му, чичко му, братучедите Трајче, Бобан и други членови на семејството.
Заеви имаат цел конгломерат на фирми, според податоците достапни до јавноста од Централниот регистар, а официјално на име на некој од семејството Заеви има регистрирано над 30-тина фирми.
Помеѓу попознатите се Еленица, Сара Јавор, Штедилницата Пеон, која на јавноста и стана позната по видеото „едно евро за Вицето“ каде Заев велеше дека треба да се остават 200.000-те илјади евра од митото за легализација на градежно земјиште.
Семејството Заеви се влезени и во бизнисот со марихуана, за кој премиерот неодамна во интервју за ТВ Сител се пофали дека цвета бизнисот со масло од марихуана во земјава.
Неговиот Трајче Заев ја има купено оранжеријата „МАМ“ која во овој момент има дозвола од Министерството за земјоделство за производство на маслото за канабис за медицински цели.
Во објаснувањето што го даде Заев, „МАМ“ е купена од две фирми. Едната е „Еленица“ од Струмица другата е словенската фирма „Фрејкер“ која веќе имала фабрика за произвoдство на канабис од Германија.
Во изјавата, Заев се пофали и со заработката на семејството.
За потсетување, на листата од лани за најуспешните 130 компании во Македонија, случајно или не се најде и струмичкиот гигант „Герас Цунев“, кој на јавноста и е познат по тоа што фамилијата Заеви поточно братучедот на Зоран Заев , Трајче Заев купи акции од овој гигант по багателни цени.
Имено, Трајче Заев од акционерскиот капитал се стекнал со 4.861 акција и сега поседува 15.126 акции или 22,25 отсто од главнинта на друштвото. Проверките од податоците кога компанијата објави преку Македонска берза за споменатата трансакција, вредноста на една акција изнесувала 300 денари, од што произлегува дека 1.458.300 денари, односно малку повеќе од 20.000 евра. А тоа очигледно е несразмерно со вредноста во недвижнини кои ја поседува друштвото.
Тогаш во јавноста се шпекулираше дека со 20.000 евра не може да се купи ниту најобична гарсониера од 25 квадратни метри, а не, пак, имот со деловни објекти, индустриски погони со површина од 1.849 квадратни метри, на атрактивни локации во општина Струмица, и дека оправдано се отвора сомневањето дека купопродажбата е склучена со уцена или некој друг вид притисок.
Акциите и имотот со кој се стекнале Заеви е купен под паритет, односно под реалната цена за објектите и засега не е јасно како е продаден толкав имот за толку ниска цена.
Јавноста беше разбранувана со фактот дека таков атрактивен деловен индустриски имот беше купен од страна на Заеви за само 10 евра по квадрат.
Што е многу симптоматично, Герас Цунев се најде на листата на најуспешни компании за првата половина од 2018 година со остварена нето добивка 1.099.000 денари.