вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Додека Заев со Гаши ја „крпи“ владата, со останатите коалициони партнери власта „му пука по шевови“?

Додека Заев со Гаши ја „крпи“ владата, со останатите коалициони партнери власта „му пука по шевови“?

Алтернатива на Африм Гаши, вчера влезе во владата како нов коалиционен партнер, а за возврат на тоа од Заев доби голем „подарок“.

Имено Гаши ги доби министерството за здравство кое го раководеше Венко Филипче кој патем е и еден од најистурените играчи на СДСМ, потоа го доби МИОА, министерство под кое се наоѓа целата јавна администрација и доби едно министерство без ресор.

Гаши исто така доби и бројни директорски места како МЕПСО, ПИОМ, МЖ Транспорт, Агенција за странски инвестиции…

Премиерот во заминување, Зоран Заев, по објавувањето на коалициониот договор со Алтернатива на Албанците рече дека очекува дека во следниот период владата да има стабилни одлуки и носење на битни закони.

– Убеден сум дека со 64 пратеници ја имаме најсилната гаранција за стабилно парламентарно мнозинство, а верувам и дека може да расте. Моето останување во овој дополнителен период е заради обезбедување на мнозинството и мислам дека оваа работа ја завршувам. На 12 декември мојата партија СДСМ ќе има нов претседател, истакна Заев.

Но, по ваквиот коалиционен договор со реакција излегоа и други политички партии кои исто така се во коалиција со СДСМ. ЛДП и ДОМ кои на локалните избори настапија сами, а освоија приближно 30.000 гласови по се изгледа не се задоволни од договорот кој го направија Заев и Гаши во саботата.

– Немаше потреба да се прават овие театри еден месец и да се фокусира јавноста бидејќи државата има еден силен предизвик во декември, а тоа е почеток на преговори и целата енерија на политички чинители треба да се насочи кон решавање на овој проблем којшто ќе значи подобар животен стандард на граѓаните наместо да се занимаваме со личните позиции и кадровските решенија коишто очигледно се договорени. Очекуваме премиерот Заев и јавноста и нас како коалициони партии да не извести, да знаеме во каква нова влада влегуваме, дали тоа за ЛДП е прифатливо или не. Се разбира тоа е наша заедничка одлука со ДОМ, изјави лидерот на ЛДП, Горан Милевски.

ЛДП и ДОМ имаат три пратеници, а едно министерско место во владата. Сите останати помали коалициски партнери на СДСМ и ДУИ во власта имаат двојно повеќе пратеници отколку Алтернатива на Африм Гаши, а речиси двојно помалку министерски и други раководни функции во владејачката коалиција.

Заев пак, вчера потврди дека Алтернатива добива повеќе значајни одговорности во извршната власт бидејќи така им било понудено.

-Заради тоа што ние сме веќе утврдено друштво на коалициони партнери и каниме некој да ни се приклучи, не е исто кога одиме заедно на избори. Кога каните некој треба да имате разбирање дека тој некој има сосема легитимни дилеми дали да влезе и да го крепи тоа парламентарни мнозинство или не, затоа што позиционирал претходно како опозиција. Кога некого каните тогаш нудите соодветно на неговите очекувања и разговарате за да го избалансирате. Водев грижа за Алтернатива, како што и Алтернатива водеше грижа за постојните партнери. Точно е дека тие се повеќе од она што БЕСА го имаше како коалиционен партнер, изјави денеска Заев.

Дали со овој потег Зоран Заев сакајќи да го зацврсти парламентарното мнозинство, направи поголем проблем? Дали пратениците кои не се дел од СДСМ, а коалицираат со нив ќе се почувствуваат изневерени од Заев и СДСМ, а со тоа и да ја напуштат владината коалиција останува да видиме во периодот кој следи?

Најнови вести