После аудио бомбата во која контроверзниот српско-црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ ДАКА тврди дека исплатил 300 илјади евра на генералниот секретар на Владата на Заев, Драги Рашковски, клопчето почнува да се одмотува.
Имено во разговор со Зоран Милески Кичеец бизнисменот Дака е лут затоа што и покрај тоа што исплатил голема сума, се уште не му е испорачано тоа кое што го договарал со Рашковски и Заев.
„Ги знам тие ваши трикови. Јас вас ви дадов 300.000 евра и 2.000 квадрати, работата не е завршена, што сакате уште. Јас тебе (мисли на Кичеец) те исплатив и со тебе немам ништо“- вели Давидовиќ Дака, на што Милески одговара дека има работа сега со Рашкоски.
Според аудио “бомбата“ Дака со Рашковски и Заев го договарал да го добие просторот на Шумарско индустрискиот комбинат “Јелак“ во Тетово кој е голем неколку илјади метри квадратни во непосредна близина на центарот на градот.
Дака: И јас да дознаам пред недела дена од Рашковски, да сега треба да вршат процена на ШИК Јелак после три години.Не ме зафркавај Зоран, ме прашуваш зошто сум лут. После 3 години, кога беше ти, Здравко и Перовски, ми ветивте за 7 дена ќе ми кажеше колку чини остатокот од ШИК Јелак, дали е така? Точно или не е точно? Дали ми ветивте?
Кичеец: тоа тој го кажа, не јас.
Дака: Па чекај тоа е твој другар, јас немам ништо со него. Дали е точно дека направи нула до денес? Епа што има да зборуваме тогаш.
Дека навистина се подготвувал бизнисот меѓу Владата со контроверзниот Миодраг Давидовиќ Дака потврдуваат официјални документи.
На 115-та седница на Влада одржана на 15.01.2019 како 120 точка била разгледувана информација за имотот од стечајна постапка од должникот ШИК Јелак АД Тетово, со предлог-одлука за давање согласност со подавка преку нотар да се понуди дел од деловен простор на другите сосопственици на деловниот простор, при што ја усвоиле Информацијата и ја донеле Одлуката за давање согласност со подавка преку нотар да се понуди дел од деловен простор на другите сопственици на деловниот простор.
Ова потврдува дека Владата била ангажирана да се даде имотот на ШИК Јелак, за кое зборуваат Дака и Кичеец, па сега на ред се истражните органи за откријат кога и каде се дадени 300 илјади евра и 2000 метри квадратни со цел овој бизнис да се доведе до крај. Во аудио бомбата Дака и Кичеец говорат дека задолжени за таа работа биле Заев и Рашковски и за истото Дака веќе исплатил огромна сума на пари.