Во овие преговори не влегоа со намера да добијат вин-вин ситуација и компромис. Влегоа ако можат нешто да продадат на македонската јавност и ако влеземе во НАТО после неколку години и ако почнат преговорите со ЕУ на домашен терен да покажат дека се победници. Во овој момент не водат сметка националните интереси на Република Македонија, изјави во емисијата Ѕид на Алфа Телевизија поранешниот амбасадор Јован Донев.
– Намерно се игнорира претседателот, намерно се игнорира опозицијата и ова личи на ситен чаршиски склоп ајде да се протне тоа што може да се протне. Но тука се работи за национално прашање и не може да се игра на таков начин, ја девалвираат целата наша нација, нагласи Донев.
Тој посочи дека премиерот Заев направи спин со Илинденска Македонија за опозицијата да се фати на мамката и да прифати и да може после полесно да прифати друго име, очигледно е дека прифаќа се имајќи предвид дека грчките позиции се јасни. Додаде дека сите претходни премиери и претседатели нема да прифатат промена на уставното име и тоа беше константа која Заев реши да ја наруши да тера по свое.
– Се додека Заев не излезе со предлогот Илинденска Македонија сакав да верувам дека позади него стои сериозен тим на луѓе кои ги разбираат прашањата за кои се водат преговори. Кога видов дека го прифатиле тоа немам сомнеж дека македонската преговарачка страна ја водат несериозни политичари и дипломати, до граница на дилентатизам, истакна Донев.
Донев нагласи дека на Грција проблем им се и нацијата и јазикот и кој и да дојде на власт во Грција нема да прифати македонска нација, македонски јазик и Република Македонија во ниту еден момент бидејќи нивниот образовен процес е таков и тие така се воспитани.