Демократската Унија за Интеграција во текот на овие години како дел од власта застана во поддршка на унапредувањето на положбата на просветните работници преку реализирање на континуирано зголемување на платите во образованието кои според статистичките пресметки од 2017 година до сега се зголемени за околу 21%, се вели во партиското соопштение на владејачката ДУИ.
-Решени сме да ја следиме истата прогресивна политика во континуитет, затоа, следејќи ги последните околности со штрајкот на просветните работници, јасно го изразуваме ставот дека ќе има зголемување на платите во образованието и преку дијалог ќе го најдеме вистинското решение за тоа. Правото на штрајк е загарантирано со закон, но со оглед на големото значење на непреченото и квалитетно одвивање на воспитно-образовниот процес за иднината на децата, Демократската Унија за Интеграција апелира на конструктивност од страна на СОНК за прекин на штрајкот, продолжување на наставата низ училиштата во земјава почнувајќи од Понеделник и потоа интензивно продолжување на дијалогот преку кој несомнено дека ќе се најде вистинското решение. Секое натамошно пролонгирање на нормалниот тек на наставата оди на штета на учениците и нивната иднина на патот на знаењето, се загрозува државната матура и полагањето на стручниот испит за петстотини наставници, нешто што не смееме да го дозволиме по сите тие предизвици што заедно успешно ги надминавме низ периодот на пандемијата. ДУИ изразува загриженост за обидите за злоупотреба на протестот од страна на опозициските политички партии и неодговорното поттикнување на кризата која ја чувствуваат сите граѓани, истакнаа од ДУИ.
Како политички субјект дел од Владата, ДУИ гарантира максимална посветеност за понатамошно спроведување на политиките за подобрување на економскиот стандард на сите граѓани со ист пристап како што беа зголемени минималната и просечната плата, додаваат од таму.