понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ДВИЖЕЊЕ НА ДИЈАСПОРАТА: „Ние сме Македонија“ со протест во Вашингтон

ДВИЖЕЊЕ НА ДИЈАСПОРАТА: „Ние сме Македонија“ со протест во Вашингтон

„Ние сме Македонија“ е движење организирано од повеќе македонски организации од дијаспората и вчера одржа едночасовен мирен протест пред македонската амбасада во Вашингтон.

Македонски граѓани од Вашингтон, Мериленд, Вирџинија и Њу Џерси, како што соопшти Обединетата македонската дијаспора (ОМД), искажале загриженост за политичките настани во матичната татковина, Република Македонија, со посебен акцент на разговорите околу спорот за името со Грција, „изгласаниот противуставен и крајно загрижувачки закон за јазици и разнебитувањето на унитарноста и сувереноста на Република Македонија“.

На амбасадорот во САД, Васко Наумовски, му беше предадена Декларација во која се наведени 5 барања до Претседателот, Владата и Собранието на Република Македонија.

„Итен прекин на разговорите околу името на државата што Владата на Република Македонија ги води во тајност под покровителство на ОН, и неменување на уставното име Република Македонија, и поднесување резолуцијата во Генералното Собрание на ОН за признавање на истото.

Ставање вето од страна на Претседателот на државата на противуставниот закон за јазици, и повлекување на истиот од понатамошнен процес во Собранието на Република Македонија.

Oрганизирање попис под мониторинг на реномирана меѓународна организација на територијата на Република Македонија во период не подолг од 6 месеци од приемот на оваа декларација.

Неменување на историјата на Македонија, статусот на МПЦ – ОА и интензивирање на грижата за Македонците во соседните држави.

Доколку Владата на Република Македонија не е способна да го стори горенаведеното, тогаш повикуваме на итно самораспуштање на Собранието на Република Македонија и организирање на непосредни избори каде што и на македонските граѓани од дијаспората ќе им бидат овозможени свои претставници во новиот парламентарен состав, според принципот на пропорционалност“, се барањата што ги упати Движењето.

Наредниот протест е закажан за во среда, 17 јануари, пред седиштето на ОН во Њујорк.

Најнови вести