недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Џафери: На Собранието му е потребен нов Деловник за работа

Џафери: На Собранието му е потребен нов Деловник за работа

Очигледно е дека на Собранието му е потребен нов Деловник за работа, бидејќи кој и да дојде да работи со сегашниот Деловник, ќе има проблем, изјави денеска собранискиот претседател Талат Џафери на средба со новинарите.

Џафери најави дека за утре свикал состанок на пратеничките групи во врска со процесот „Жан Моне“, што ја опфаќа токму работата на Деловникот. Ваков состанок во врска со Деловникот не е одржан веќе подолго време, за што имаше забелешка и во Извештајот на Европската комисија.

На средбата со новинарите, тој рече дека пратениците во рамките на „Жан Моне“ процесот треба да ги разгледаат членовите во Деловникот почнувајќи од членот 132, па натаму.

Според него, ваквиот Деловник треба да се донесе во редовна постапка, во две читања и со амандманска расправа. Џафери смета дека со новиот Деловник треба да се решат многу недоречености и проблеми што произлегуваат од сегашниот документ за работа на Собранието, но и да се направат одредени ограничувања, како при носење на одредени закони, така и при избори на одредени функционери.

Во однос на Извештајот на ЕК и забелешките од Светската банка за должината на носењето на одредени закони, собранискиот претседател повтори дека Извештајот ја отсликува работата на Собранието и дека и да сака не може да влијае на односите меѓу политичките чинители, потенцирајќи дека за разговор се потребни двајца.

– Секоја недела се одржуваат координациите, но ВМРО-ДПМНЕ не доаѓаат. Немам инструменти, условно кажано, да ги натерам партиите да комуницираат, вели Џафери.

Тој денеска не знаеше да каже дали опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица ќе учествуваат на состанокот на процесот со свои претставници.

Претседателот на Собранието, исто како и премиерот Димитар Ковачевски, е на мислење дека политичките партии треба да се состанат во врска со уставните измени. Џафери рече дека премиерот укажал на потребата на меѓупартиска консултација, бидејќи уставните измени не можат да се донесат без двотретинско мнозинство.

Според Џафери, пратеничките групи кои имаат свои претставници на координациите со него се за уставни измени, но ВМРО-ДПМНЕ и Левица не доаѓаат на овие состаноци. Идејата е да седнат на маса и да се усогласат ставовите, вели Џафери.

Во однос на најавата на Левица за тотална блокада на Собранието, Џафери вели дека „на тотален напад се одговара со тотална одбрана“.

– Работата е што се отишло предалеку со демократијата, смета Џафери.

Тој посочи дека во моментот се реализира пилот проект за комуникација со граѓаните, односно парламентарен караван кој тргна од Штип минатата недела и ќе ги посети речиси сите градови во земјата.

Во однос на одговорот на иницијативата за референдум на Левица, Џафери рече дека одговорил согласно пропишаното со Деловникот. Се очекува според она што тој го најави на средбата со новинарите, утре да се гласа за изборот на Ристо Пенов за нов министер за локална самоуправа, како и за уставните судии, а 88 седница да продолжи од понеделник, кога би требало да бидат донесени и законите поврзани со мерките за енергетската криза.

Претседателот на Собранието во понеделникот вечерта го доби одликувањето од украинската држава, кое што беше потпишано со указ од претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Запрашан што значи оваа награда за него, Џафери вели дека тоа претставува признание за она што го прави државата, односно Северна Македонија за поддршка на Украина.

Најнови вести