Поразителна е статистиката која вчера ја објави еминентниот економски магазин „Економист“, според која нашата земја се наоѓа на третото место во светот според стапката на невработеност на младите луѓе од 15 до 24 години.
Само Јужна Африка со стапка на невработеност кај младите од 52,9 отсто и Босна и Херцеговина со 46,7 отсто се пред Македонија во поразителната статистика која ја објавува „Економист“. Македонија е трета во светот со стапка на невработеност од енормни 44,7 проценти.
До десеттото место следат Намибија, Свазиленд, Газа, Либија, Грција, Јордан и Боцвана, кои котираат подобро од Македонија на листата на „Економист“.
Од земјите од регионот, Србија е позиционирана далеку подобро од Македонија, односно е 16 места подобра, на 19-тото место со стапка на невработеност кај младите од 32,1 отсто. Албанија е 21-ва со 31 отсто, Црна Гора 26-та со 29,1 отсто, Хрватска 34-та со 25,5 отсто.
Целата листа можете да ја погледнете ТУКА.
Инаку младите се најголема жртва на лагите на СДСМ и владејачката партија на чело со Зоран Заев кој во минатото ветуваше секакви брда и долини поврзани со младите.
За неспособноста на владата неколку пати досега преку соопштенија до јавноста потсетува и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Младите се најголемата жртва на лагите на СДСМ. СДСМ ветуваше брда и долини, инвестиции во образованието, подобрување на студентскиот стандард, грантови за млади и што ли уште не. Ништо од тоа не реализираа. Младинската гаранција со која се фалеше СДСМ е најголемата лага изречена кон младите. СДСМ на младите им ветуваше вработување, пракса или дообучување во првите четири месеци по завршување на своето образование, а гледаме дека ништо од тоа не е остварено. Во ЕУ не се оди со криминал и корупција. Сведоци сме како грантови на Фондот за иновации и технолошки развој наместо кај млади претприемачи и истражувачи завршуваат кај партиските функционери од власта, потенцираа од партијата уште лани во своето соопштение за јавноста.
Од партијата додаваат дека Македонија со СДСМ го достигна дното според можноста за напредок на младите, а тоа го потврди и Европскиот младински форум. Македонија се најде на 49 место и пред нас се и земјите од регионот како Србија, Бугарија, Албанија и Црна Гора.
-Откако е СДСМ на власт бројот на млади лица кои си заминуваат од државава постојано расте. СДСМ нема капацитет и план како да го подобри животот на младите и да ги задржи во државава. СДСМ ги понижи и ги остави без перспектива младите во Република Македонија. Младите се чувствуваат измамени и злоупотребени од СДСМ. Време е СДСМ и Заев да си заминат затоа што младите луѓе во Република Македонија заслужуваат подобро, потенцираа од партијата неодамна.
Инаку оваа пролет и претседателот на Унијата на млади сили Јован Јаулески исто така во изјава потврди дека младите се најголема жртва на власта.