Енормна количина на кафе за огромна сума ќе набави Владата на Република Македонија.
Службата за општи и заеднички работи, преку електронскиот систем за јавни набавки објави тендер за набавка на кафе, а проценетата вредност на „зделката“ изнесува неверојатни 2.700.000 денари односно 45 илјади евра.
Само за комапарација, Владата на ВМРО-ДПМНЕ набавуваше кафе за 600.000 денари годишно. Тоа е 4 ипол пати помалку од 2.700.000 денари, сума за која сега СДСМ купува кафе.
Инаку, ова е втора набавка на оваа ставка годинава на Владата откако претходно во јануари СОЗР има набавено кафе во вредност од 1 милион денари.
Граѓаните се гневни, а социјалните мрежи брујат, што оваа огромна сума на пари од нивниот џеб ќе биде потрошена за функционерите да пијат прескапо кафе.
Ќе се набавува кафе еспресо, филтер, кафе и капучино… Просечната цена за набавка на големо за обичното кафе е 250 денари килограм, капучиното и филтер кафето се по 400 денари, а еспресото е 800 денари, односно средната вредност на кафето е 462 денари за килограм. Тоа би значело дека ќе бидат набавени околу 640.000 кафиња.
Кога на оваа цифра ќе се додадат и кафињата од тендерот во јануари, односно 160.000 кафиња, тоа би било 800.000.
Вкупно 800.000 кафиња ќе се пијат во Владата на Зоран Заев.
Покрај тендерот за кафе, службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија неодамна распиша тендер и за хортикултурно одржување и уредување на објектите на државната управа. Владата за набавка на цвеќиња планира да потроши 41 милион денари односно околу 670 илјади евра.
За овие тендери со маратонски суми, освен јавноста, реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ и бараа Владата да ги поништи тендерите за цвеќе и кафе од 700.000 евра и за тие пари да набави 15 амбулантни возила.
-Човек треба да биде опериран од чувства и да нема грам совест за да не му преседне службеното функционерско кафе, додека ги чита набавките на еспреса и цвеќиња вредни над 700.000, додека животи на деца висат на конец заради тоа што државата се премислува дали да одвои евро повеќе за лекување во странство. Секој владин функционер со малку етичност и човечност во себе ќе побара ваквите тендери за луксуз да се поништат. Се друго е затворање во балонот од сапуница наречен „животот дојде“! Власта бега од одговор велејќи дека 660.000 евра е само проценка, што значи дека сумата може да оди и нагоре! Ќе повториме власта издвојува 660.000 евра за цвеќиња во владините сараи! Во тие сараи ќе се пијат еспреса и капучина од 45 илјади евра! Во тој балон од сапуница, кланот на власт мора да ужива на грбот и несреќата на граѓаните. Нема 500-евра минимална плата, нема 100 илјади денари за докторите, нема јавно здравство, нема пласман за земјоделците, нема напредок во науката и образованието, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.