Европскиот парламент денеска усвои резолуција за последните случувања во дијалогот меѓу Србија и Косово, вклучително и ситуацијата во северните општини на Косово, во која српските власти се повикани на целосна соработка во истрагата за нападот во Бањска.
Резолуцијата „најостро го осудува страшниот и кукавички терористички напад на добро организираните српски паравоени формации“ во Бањска врз косовските полицајци на 24 септември и ги повикува сите земји-членки на ЕУ, кои сè уште не го сториле тоа, да го осудат нападот.
Со резолуцијата сите страни се поканети да работат на деескалација на ситуацијата во северниот дел на Косово и да се избегнува каква било реторика или акција што дополнително ќе ги зголеми тензиите.
Косовските власти се повикани да ги откријат сите докази поврзани со инцидентот, меѓународните институции во Косово, вклучително и ЕУЛЕКС, да ги проценат доказите и Србија целосно да соработува во истрагата и да ги доведе одговорните за нападот, кои моментално живеат во Србија, пред лицето на правдата во согласност со законот, вклучително и нивна екстрадиција на Косово.
ЕК и Советот се повикани да преземат мерки против Владата на Србија доколку истрагите покажат дека државата Србија била директно вмешана во терористичкиот напад во Бањска или во нападите што се случија во северно Косово во мај 2023 година. ЕК е повикана да ги замрзне средствата за Србија според Инструментот за претпристапна помош три, доколку резултатите од истрагата покажат дека српската држава директно била вклучена во овие напади.