28 дена без ниту еден регистриран случај, па потоа избори. Епидемиолозите предупредуваат дека масовни собири како изборното соочување во време додека се уште трае епидемијата на корона вирусот не доаѓаат предвид.
Сител за ова прашање побара став и од членовите на комисијата за заразни болести која треба да препорача кога ќе има услови за да се организираат избори. Побаравме двајца епидемиолози но не добивме одговор кои услови би требало да бидат исполнети за да може безбедно да се организираат изборите.
Сите политички партии официјално велат дека нема да прават компромис со здравјето на граѓаните но неофицијално, партиските функционери веќе неколку недели се растрчани на терен во лов на гласачи.
Доколку се следат епидемиолошките препораки, извесно е дека избори до крајот на наредниот месец нема да има. Под претпоставка, на крајот на јуни да почнеме да добиваме извештаи во кои нема да има ниту еден инфициран, според епидемиолошките препораки, изборите нема да може да се одржат пред почетокот на август.