Два дена по скандалот кој го објави италијанскиот весник „Ла Верита“ за набавката на кинеските вакцини „Синофарм“ која се обидела да ја направи Македонија, премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче без одговор.
Весникот објави дека кинеската компанија го вратила авансот поради нерегуларен пат на набавка на вакцината, односно поради внешување на фантом компанија. Претходно македонските власти објаснија дека авансот е вратен поради усогласување на документацијата.
„Ла Верита” во средата објави дека има докази од контактите меѓу Македонија и Пекинг, кој ја напуштил зделката плашејќи се од измами”. Во текстот весникот наведе дека Заев бил првично одбиен од Пекинг поради тоа што одел преку фирма посредник која била фантом компанија со нестабилни темели во Хонг Конг.
-Но, кулминацијата со лошото менаџирање и набавувањето на вакцините се случи уште еднаш во Македонија каде владата предводена од Зоран Заев е подготвена дури и на сметка на здравјето на граѓаните да се бори за својот спас. Во едно телевизиско интервју во јануари, Зоран Заев ги информираше Македонците дека никогаш не би побарал помош од Кина и Русија бидејќи земјата, по влезот во НАТО, треба да се потпре на своите западни сојузници. „Ла Верита“, меѓутоа, дојде до две писма од министерот за здравство Венко Филипче, кои уште еднаш го демаскираат македонскиот премиер. Првото писмо докажува дека министерот Филипче испратил барање до кинескиот Синофарм дури на 25 декември 2020, додека уште едно второ писмо од 25 јануари вели дека министерот дури и би ја ослободил Кина од било какви негативни ефекти од вакцината. Ова го потврдува притисокот на балканската влада за финализирање на договорот. Заев призна, подоцна, дека се обратил до Пекинг, но на крајот на февруари комунистичкиот Пекинг му го вратил авансот. Причината за ова, според извори на „Ла Верита“, е тоа што зделката требало да се одвива преку фантом фирма со седиште во Хонг Конг, која е наведена исто така во сите официјални писма на министерот. Фактот што приватна фирма, која според првични анализи нема стабилни темели, но има доволно средства депонирани во германската Deutsche Bank, била вклучена од страна на македонската влада во посредувањето, оставило сомнеж на официјален Пекинг дека можеби се наоѓаат пред обид за измама, и тоа донело до поништување на процедурата. На крајот од денот, Кина се држи до принципот на директно управување со помошта и провизиите со владите, уште од почетокот на пандемијата. Уште едниот потенцијален обид за корупција извршен од мрежата на Заев, дури и на сметка на здравјето на граѓаните, овој пат се судри со тврдоглавоста на комунистичкиот кинески режим, пишува во текстот на весникот.
Заев во средата потврди дека Владата соработувала со приватни фирми за набавка на вакцини против Ковид-19. Негираше дека имал лоши намери и незаконски дејствија, оправдувајќи ги постапките како начин на Владата час поскоро да дојде до вакцини, кои граѓаните се уште ги немаат. Тој рече дека Владата се обидела на секој начин да дојде побрзо до вакцини за граѓаните.
Следниот ден „Ла Верита“ ги објави писмата на министерот Филипче адресирани до кинеската компанија „Синофарм“.
Во писмото на Филипче испратено на 25 јануари до „Синофарм“ се вели дека ја ослободува компанијата, односно Кина, од каква било одговорност од евентуални негативни последици од употребата на вакцината. Ова, според „Ла Верита“, е спротивно на многу меѓународни конвенции и претставува кршење на основната институционална мисија, а тоа е заштитата на здравјето на своите граѓани.
Писмата на Филипче до Пекинг, и тоа од 25 декември 2020 и од 25 јануари 2021 година, оделе преку фирмата „Старби интернешнл“ (Starbi International) во Хонг Конг. Фирмата е основана во 2017 година, само 5 месеци по формирањето на владата на Зоран Заев и нема медицинско ниту фармацевтско портфолио.
Компанијата, која има тројца вработени, е регистрирана во Самоа, островска држава во Тихиот Океан каде не се плаќаат даноци за трансакции. Потоа компанијата била регистрирана и во Хонг Конг.
На интернет страна која посредува за офшор компании и меѓународни бизниси се наведува дека Самоа обезбедува поволен даночен систем особено за меѓународните бизниси.
Во комбинација со многу привлечни деловни стимулации, островската земја е едно од најдобрите места за формирање офшор компанија. Странските компании кои работат таму се ослободени од сите даноци на приход. Покрај тоа, многу други локални даноци и такси се исто така отстранети за странски инвеститори, имено данок на капитална добивка, марки на марки, дивиденди, заработка или камати од надвор од Самоа. Даночната политика на Самоа е дизајнирана да им помогне на меѓународните бизниси да го извршат најдоброто од себе со ниски оперативни трошоци. Покрај тоа, владата на Самоа исто така ги поддржува странските инвеститори со различни деловни стимуланси и придобивки. Предностите што ги нуди вклучуваат: Нема годишно известување, сметководство или какви било барања за финансиска ревизија, Нема потребен капитал при основање компанија, Владините такси за деловно работење се релативно ниски,
Нема контрола на девизи на какви било валути, Силно законодавство за заштита на средства, Комплетна политичка, економска и социјална стабилност, се наведува во описот на интернет страната.
Се обидовме по регуларен пат, но не успеавме. Се обидовме по алтернативен пат и потпишавме договор за вакцини. Но, кинеските власти ни сугерираа дека треба да се вратиме на регуларниот пат.
Вака накусо вчера звучеше одговорот на Филипче кој се обиде да објасни што се случило со набавката на кинеските вакцини и зошто истите се уште ги нема.
По иницијалните обиди да направиме директен контакт со фабриката во што не успеавме, појасни министерот, побаравме помош од некои наши кинески компании тука во земјава активни што работат „Пауер Чајна“, понатаму „Синохидро“ кои ни укажаа на некои компании кои може да не спојат и тоа даде резултат.
– За време на тие разговори во меѓувреме беше потпишан договор, се вклучи и нашата Амбасада во Кина која за тоа го извести и тамошното МНР од каде ни укажаа дека тоа не е патот по кој треба да одиме и дека треба да го пратиме оној регуларен пат по кој на почеток се обидовме, но за жал немаше резултати и заради тоа сакајќи целата постапка да ја забрзаме најдовме еден алтернативен начин. Не станува збор апсолутно за ништо незаконски, за ништо нерегуларно. Не станува збор за некакви провизии и за било што за што овие денови ме обвинува опозицијата, потенцира Филипче.
Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 истакна дека информацијата на италијанската „Ла Верита“ околу вакцините, каде што објавија околу скандалот на министерот Венко Филипче за набавка на кинеските вакцини треба да се проверат до крај.
Со реакција за случајот излезе и претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.
-Ќе видиме дали Антикорупциската ќе постапува, ние се договоривме да ги прибереме сите информации кои се поврзани со веста која излезе во медиумите со набавката на вакцините, откако ќе ги собереме информациите ќе видиме дали постојат елементи којшто би бил во надлежност на нашата комисија, истакна Ивановска за Сител телевизија.