петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Филипче од старт потфрли, им се зема редот на медицинските лица за вакцинација

Филипче од старт потфрли, им се зема редот на медицинските лица за вакцинација

И покрај секојдневните тврдења на министерот за здравство Венко Филипче дека вакцинацијата во земјава се одвива во најдобар ред без никакви проблеми, од ден на ден гледаме дека не е така. Бројни примери укажуваат дека нешто не штима и дека можеби постои манипулација со вакцините и секој ден се погласни се прашањата кој им ги зема и онака малиот број вакцини на медицинските лица?

Уште од старт беше најавено со првите вакцини кои се уште се во оскуден број дека ќе бидат вакцинирани само медицинските лица почнувајќи од тие кои работат со ковид пациенти, а потоа останатите, сепак уште на почеток првата малверзација. Секретарот на охридската болница се вакцинираше преку ред, земајќи вакцина на медицинско лице кое секој ден си го загрозува животот работејќи со пациенти позитивни на корона вирус. Иако по реакциите случајот веднаш доби разврска, сепак стана јасно дека власта неспремна го започна процесот на вакцинација и дека истиот може да биде изигран.

Не помина долго време нов скандал се појави во јавноста, односно се појавија гласини дека функционери биле вакцинирани преку ред и во тајност. Се споменуваа имиња на министри, пратеници и директори, но тоа беше демантирано од владата. Бидејќи со оваа власт ја имаме реалноста каква што е, а досега десетици пати излажаа за вакцините, нема да не чуди ако излажаа со демантот.

Токму заради тоа опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара да се даде на увид списокот на сите вакцинирани. Така ќе се знае дали вакцините завршиле таму каде што е најпотребно односно ќе се знае дали имало или немало вакцинирани функционери преку ред и во тајност. Нејасно е зошто власта се уште не го прифаќа овој предлог, ако сака да докаже се е во најдобар ред.
И скандалите не завршуваат тука. Вчера јавноста дозна за нов скандал со медицинските лица од кумановската болница. Медицински сестри од оваа болница иако требало да се вакцинираат сепак извисија и засега нема да добијат вакцини, барем така велат. Според нив, имале закажано за 23 март заедно со гинеколозите, но во последен момент им било кажано дека нема да може да се вакцинираат и ги известиле да дојдат следниот ден и тоа само гинеколозите, без сестрите.

– Имавме термин закажано на 23 март, но добивме порака по маил дека термините се откажани. Дел од докторите добија телефонски повик за да се вакцинираат. Докторите инсистираа да се вакцинираат и сестрите бидејќи не можат да работат едни без други. Вчера добија пак телефонски повик да дојдат во четврток за вакцинација, ама само они, изјави медицинска сестра во гинеколошка ординација во Куманово, за Сител Телевизија.

Од министерството за здравство се правдаат дека нивната вакцинација е одложена заради предност на приоритетните, но зошто биле ставени на листа ако имало други пред нив? Дали министерството за здравство нема точна бројка и не знае кои се приоритетни, кои и колку здравствени лица каде работат? Звучи несериозно и неверојатно и доколку не знаат потврдуваат дека целиот систем е во хаос.

Затоа со право се отвораат многу прашања, а пред се дали и кој им ги зема вакцините на оние кои им се најпотребни, а тоа се медицинските лица и дали и кој успева да се вакцинира преку ред на сметка на загрозување на туѓи животи.

Најнови вести