Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е во посета на Берово каде масовно се прославува празникот Успение на Пресвета Богородица. Тој најпрво прошета низ беровската чаршија каде оствари средба со граѓани од Берово. Потоа тој ќе го посети манастирот Успение на Пресвета Богородица.
Мицкоски во текот на денот ќе го посети и паланечкиот манастир Свети Јоаким Осоговски каде исто така се празнува денешниот верски празник. Инаку Мицкоски утринава упати честитка по повод празникот Успение на Пресвета Богородица до Поглаварот на Македонската Православна Црква- Охридска Архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Стефан и до сите православни верници.
-Дозволете ми Вам лично, на членовите на Синодот и на сите православни верници, од мое лично име и од име на ВМРО-ДПМНЕ, да Ви го честитам големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица и да ја изразам мојата желба за многу среќа, радост и мир во душите на сите христијански верници. Денешниот празник е сведоштво за мајчинската љубов, верата во Христа, и пожртвуваноста која е исполнета со добри дела и хуманост кон човештвото. Правејќи добри дела, создаваме и оставаме зад себе трајни вредности и секој еден на тој начин придонесува со свој личен пример за развојот на нашата земја и создавање на подобра иднина, стои во честитката на Мицкоски.