Францускиот и франкофонскиот печат ја пренесоа веднаш агенциската вест за оставката на премиерот Зоран Заев по поразот на локалните избори, јави дописникот на МИА.
За париски „Ле Монд“, оставката следува откако левичарската партија СДСМ го загуби главниот град Скопје и повеќето поголеми градови во земјата. Но, притоа парискиот угледен весник додава дека премиерот во оставка Заев, одбива да организира предвремени парламентарни избори.
За француското меѓународно радио РФИ, недовербата е голема кон Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, кој го губи главниот град Скопје, но и речиси сите поголеми градови во државата во корист на конзервативните националисти од ВМРО-ДПМНЕ.
Притоа нагласува, дека во рамките на албанската заедница, која претставува четвртина од населението во земјата, ДУИ, помал партнер на владината коалиција, исто така, го губи своето упориште во Тетово.
Следствено на ова „зашеметен од неочекуваните размери на овој пораз, премиерот Зоран Заев во неделата вечерта поднесе оставка од сите свои функции, втурнувајќи ја кревката, мала земја во нова фаза на неизвесност“, нагласува РФИ.
Враќајќи се на власт во 2017 година по една деценија националистичко владеење, социјалдемократите имаа многу тесно мнозинство во Парламентот, кое националистите можеби ќе можат да го соборат без дури и да повикаат парламентарни избори.
-Ја преземам одговорноста за овие изборни резултати. Се повлекувам од мојата премиерска функција, ја пренесува париски Ле Монд изјавата на Заев пред новинарите.
Француските медиуми потсетуваат дека на овие избори, чиј втор круг се одржа оваа недела, СДСМ го загуби главниот град Скопје и повеќето поголеми градови и урбани центри во земјата, откако во 2017 година освои повеќе од половина од 80-те општини во Северна Македонија. .
-Јас донесов слобода и демократија, а демократијата подразбира преземање одговорност, ја пренесуваат „Ле Фигаро“, „Ле Поант“ другиот дел од изјавата на Заев, кој исто така, поднесе оставка од функцијата претседател на СДСМ.
Швајцарскиот „24часа“ смета дека Заев приреди изненадување со неговата оставка синоќа. Слично размислува и другиот швајцарски весник „Ле Матин“ за кој оставката на Заев е изненадување, и дека тоа е „редок настан во земјата и регионот“.
Парламентот допрва треба да ја потврди оваа оставка, објаснува париски „Ле Монд“. Кој исто како и другите медиуми потсетуваат дека Заев беше избран за премиер во 2017 година, кога стави крај на десетгодишното владеење на Никола Груевски и неговата десничарска партија, ВМРО-ДПМНЕ, потресени од скандалот со нелегалното прислушување што се чинеше дека ја одразува неконтролираната корупција.
Прогласувајќи ја победата на ВМРО-ДПМНЕ, нејзиниот актуелен лидер, Христијан Мицкоски, оцени дека „власта го изгубила легитимитетот“. Мицкоски изрази надеж дека оваа „нова реалност ќе се манифестира во Собранието“. „Сепак, најдобро решение би било тоа да се случи на предвремени парламентарни избори“, пренесуваат франкофонските медиуми.
Зоран Заев, како што пишуваат медиумите, е против предвремени избори и има намера да обезбеди мнозинство во Собранието за нова влада на СДСМ и нејзините сојузници. Понатаму се прави потсетување дека во 2018 година, Заев постигна договор со Атина со кој се реши спорот со Грција за името на Македонија, со планови за додавање на квалификацијата „Северна“ на името на земјата за да се избегне забуна со грчката покраина со истото име.
Склучувањето на овој договор во принцип треба да ја отвори вратата за преговори за пристапување на земјата во Европската унија. Но, Северна Македонија последователно наиде на неподготвеност од Франција и Бугарија и допрва треба да ги започне овие преговори. Софија, која се заканува да ги блокира преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, и Скопје имаат спор околу потеклото на македонскиот јазик, при што Софија го гледа како бугарски дијалект, како и околу некои историски личности, оди подалеку во објаснувањето „Ле матин“.
-И покрај победата на парламентарните избори, Владата на Заев, која има тесно мнозинство, не беше поштедена од афери, што веројатно делумно го објаснува и резултатот од општинските избори. Владата, која вети дека ќе ја спречи пандемијата „Ковид-19“ и нејзините ефекти врз националната економија додека се движи кон членство во ЕУ, сепак, не забележа значајни резултати за овие две прашања, заклучува „Ле Монд“.