петок, 22. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Героски кон Ден Дончев: Одеднаш фирмата на Иванова престанала да ви биде сомнителна или сте имале некоја друга намера?

Героски кон Ден Дончев: Одеднаш фирмата на Иванова престанала да ви биде сомнителна или сте имале некоја друга намера?

„Диамед“ имал договор според кој Фондот ги плаќал услугите на период од 120 до 180 дена. За време на режимот на Груевски, фирмата мака мачела да ги наплати побарувањата од претходните двајца директори. Во 2017 година вие доаѓате на чело на оваа институција и во првите три месеци, доцните и вие со исплатите. Потоа се случува онаа епизода кога доаѓаат Швеѓаните со намера да го купат „Диамед“, а вие во јануари 2018, со вашите предупредувања, привремено ќе ги одвратите од намерата. И тогаш, во април 2018, се случува чудо – вие ги исплаќате сите заостанати фактури и потоа плаќање тече редовно на 30 дена, пред договорниот рок значи. Што ви текнало така, директоре Дончев? Одеднаш фирмата на Иванова престанала да ви биде сомнителна? Или сте имале некоја друга намера?

Ова го пишува новинарот Бранко Героски во својот најнов текст насловен како „ОТВОРЕНО ДО ДОНЧЕВ Деки, зошто некој што можел да заработи 200 милиони евра, би ја продал фирмата за 11,5 милиони евра“?

„Најнапред, вие ја оспорувате тендерската постапка, со која во 2013 година Министерството за здравство на компаниите „Диамед“ и „Систина“ им доделува концесии за вршење на услуги за дијализно болни лица, при што, како што велите, биле отфрлени „легитимни странски компании“. Многу чудно… Дали тие „легитимни странски компании“ го оспориле тендерот?

Вие тврдите дека овие две приватни компании добиле „монопол“ на услугите на 20 години и гарантирана минимална цена од 90 евра по дијализен третман, при што додавате дека претходната цена во јавното здравство изнесувала само околу 70 евра по третман. Дали сте сигурен во бројките? Моите информации се дека претходната цена изнесувала 4.855 денари, односно околу 80 евра. Освен тоа, во цената, покрај дијализниот третман, треба да се додадат и вредноста на специјалистички консултативен здравствен преглед и обезбеден транспорт на пациентот од местото на живеење. Ако овие услуги се додадат на цената од 80 евра во јавното здравство, се доаѓа до сума од најмалку 92 евра. Според моите информации, значи, минималната гарантирана цена за концесионерите сепак била пониска од претходната во јавното здравство. Можете ли тоа уверливо да го демантирате?

Рековте, кога е добиен тендерот, фирмата „Диамед“ без надомест ја презела функционалната опрема во објектите на јавното здравство. Колку што мене ми е познато, „Диамед“ во почетокот плаќал кирија за раскантаната опрема во подрумите и во ќенефите на јавното здравство, па потоа ги реконструирал објектите, изградил неколку нови и набавил нова, квалитетна опрема.

Имам тука уште две клучни прашања до вас во врска со концесијата. Прво, која компанија би прифатила да вложува во ваква сложена дејност и за тоа да добие концесија од само 5 или 10 години, на пример? Второ, без оглед на вашето неточно тврдење дека цената на дијализен третман во јавното здравство била 70 евра по третман, дали можете да направите споредба меѓу сегашната цена во Македонија (90 евра) и цените во регионот, но и меѓу квалитетот на услугите сега и порано?

Ај да не биде ни по мое ни по ваше, да им дадеме збор на експертите, но и на паталците. Имено, во 9 болници на „Диаверум“ во земјава, сега пациентите добиваат врвен дијализен третман, кој е со подеднаков квалитет како услугата што ја добиваат пациентите во Шведска и пошироко во Европа. Да, по цена од 90 евра, но тоа е најниска цена во регионот и пошироко во Европа. И ова не е мое тврдење, туку на одговорните менаџери на „Диаверум“, јавно објавен податок. Господине Деки, дали можете да го демантирате ова? Внимавајте што ќе одговорите, бидејќи сега не зборуваме за некоја ноу-нејм компанија, туку за „Диаверум“, водечки давател на здравствени услуги за третман на бубрежно болни лица во 20 земји на неколку континенти.

Компанијата „Диаверум“ вели дека овозможува дијализен третман на 670 пациенти во Македонија, за кои се грижат 270 медицински работници (веста е од март годинава, па можно е цифрите сега да се повисоки). Дали ваков сооднос пациенти – медицински персонал имало кога дијализите се вршеа во јавното здравство? Знаете ли како пациентите ги оценуваат услугите на „Диаверум“ во споредба со оние што ги добиваа порано во јавното здравство“-пишува Героски.

Целиот негов текст, прочитајте го на ПлусИнфо

Најнови вести