четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

„Гинат невини деца, жени и мажи“: Македонец раскажа за голготата во Украина и патот низ кој поминал за да се врати со својата мајка во Македонија (КУРИР ИНТЕРВЈУ)

„Гинат невини деца, жени и мажи“: Македонец раскажа за голготата во Украина и патот низ кој поминал за да се врати со својата мајка во Македонија (КУРИР ИНТЕРВЈУ)

Александар Петровски е македонски државјанин кој повеќе од 6 години заедно со својата мајка живеат во Одеса во Украина. Откако се случи руската инвазија врз Украина тој и неговата мајка проживуваат денови во страв и паника. По месец ипол одлучуваат да се вратат во Македонија, односно да избегаат од Одеса со цел да си ги заштитат сопствените животи.

За целокупниот период од почетокот на руските напади до успешното враќање во Македонија, Александар пред камерата на КУРИР раскажа низ каква голгота поминале и со што сè се соочиле во Украина, по граничните премини и како биле пречекани на македонската граница.

– Што се случува во Украина , со еден збор – војна. Гинат невини луѓе, деца, жени мажи, едноставно не се бира каде се стрела и каде паѓаат бомби, тоа е нешто ужасно. Поконкретно не би можел да кажам затоа што не сум бил на места каде што се случуваат тие воени дејствија, јас се наоѓав во Одеса. Таму беше генерално мирно, немаше руски војници меѓутоа често се случуваше по пет-шест пати во денот да одекнува сирената за тревога за воздушен напад. На почетокот секако имаше паника и страв, не знаеш што ќе се случи, ќе падне бомба или нема да падне, сите бегаа во скривници, се криеја кој каде може, тие што немаа скривници се криеја во подолните катови на зградите, во ходниците, подалеку од прозорците, ја започна Александар својата приказна.

– На почетокот беше многу страшно, потоа се навикнавме на новата реалност меѓутоа тоа што не знаеш што понатаму ќе се случи те наведува на мисли да бараш некои посигурни места каде што би можел да се оттргнеш од таму. Затоа ние решивме да се дислоцираме и да се преместиме во друг помал град подалеку од Одеса, бидеќи таму нема воени објекти и релативно беше помирно. Гледавме можност да заминеме од државата, но имаше многу гужви на границите, се чекаше по еден, еден ипол ден, температурите беа многу ниски од -10 до -15 степени и како опција беше да одиме во помал град и да почекаме малку да стивне ситуацијава или со надеж да заврши поскоро но ете месец, месец и десет/петнаесет дена ништо не се смири. На границите почнаа да се растеретуваат гужвите и така решивме да се вратиме во Одеса па од Одеса да бараме транспорт за напуштање на државата. Иако јас не сакав, таму бев со мајка ми која е жена во години со здравствени проблеми, нормално претрпе страв, стрес и поради тоа решив заедно со неа да заминеме, раскажува тој.

Александар ни појасни дека таму јавен превоз немало и се затвориле сите портали за купување онлајн карти.

– Вооглавно ги криеја тие маршути, односно рути по кои што се движат автобусите за евакуација за да не станат цел на напад и нивниот распоред. Преку реклама на Инстаграм или Фејсбук, најдов превоз. Сепак беше сомнително дека имаше многу лица кои предлагаат превоз за пари, бараат прво одредена сума за резервација, а потоа исчезнуваа без трага и глас. На свој ризик решив да закажам билети до Варна во Бугарија, и до последен момент не верував дека ќе се евакуираме. По пат, до украинска граница добро поминавме бидејќи тоа беше како конвој хуманитарен и организиран и никаде не чекавме на тие блок постови каде што имаше гужви, секаде преку ред поминувавме за да успееме пред полицискиот час да го напуштиме последниот блок пост. За излез од Украина ни беа потребни само пасоши тие што имавме и беше забрането за мажи од 18 до 60 години да ја напуштат државата освен лица со инвалидитет и лица со друго државјанство. Украинците проверуваа само пасоши а доколку некој немаше, се проверуваа лични карти, и не беше важно дали им е истечен рокот на важење, важно беше само да имаат документ за легитимација. За малолетните деца не бараа никакви потврди од родителите, само беше потребен извод од матична книга на родени за да ги пуштат преку граница. Ковид сертификати не проверуваа, освен на влез во Бугарија и Македонија, вели тој.

За Бугарија, Александар појасни дека на граничниот премин откако ги легитимирале, ги прашеле кој има сертификат и на тие што имале им го скенирале QR кодот, на тие кои што немале меѓу кои биле тој и мајка му, им рекле дека ќе им направат бесплатен брз тест.

– Сè помина во ред, сите бевме негативни, нè пуштија да ја поминеме границата. На автобусите крајна дестинација им беше Варна и  многумина кои што остануваа во Варна требаше да направат документ за време на грижа за да можат да останат таму додека трае војната. Тука многу се чекаше, ние бевме 10 часа на граничниот премин додека ги направат сите тие документи, а претходно други чекале и по 24 часа. Потоа пристигнавме во Варна, во волонтерски центар каде не упатија каде да се обратиме ние што продолжувавме за Софија. За државјаните на Украина имаше бесплатен железнички превоз а таму имавме неубаво искуство, додаде тој.

Александар раскажа дека наишле на недолично и непрофесионално однесување од страна на вработените во бугарската железница. Тој вели дека кога лицата на шалтер им ги виделе пасошите и сфатиле дека се бегалци веднаш почнале да прават недолични гримаси на нивните лица и како што појаснува тој буквално им ги фрлале пасошите и билетите.

За влез во Македонија, Александар и неговата мајка биле соочени исто така со непрофесионално однесување од страна на македонските полициски службеници.

– Мајка ми тргна прва, јас позади неа и граничарот веднаш ме праша од каде патуваме. Викам од Украина и второ прашање: Имаш ли ПЦР тест? Му кажав дека сум бегалец и дека бегам од војна, немам каде да направам тест и тој ми се обрати со зборовите: „И сега што правиме?“. Му вратив во таа мера, тест ќе правиме, а тој ми вика немаме тест. Му објаснив дека правевме тест на бугарска граница и дека излеговме негативни, но тој тест го задржаа бугарските службеници. Следеа прашања од типот дали сум војувал, што сум правел таму, со што се занимавам, вели Александар.

Тој ни објасни дека поради немањето Ковид сертификат и тест им одредиле 7 дневна самоизолација во Македонија и дека им потенцирале да бидат достапни на телефонските броеви кои ги оставиле за контакт бидејќи ќе ги проверуваат дали ја почитуваат изолацијата, но Александар вели дека никој ниту се јавил за тие 7 дена ниту дошол да ги провери.

Александар се надева дека војната ќе заврши што поскоро за да може да се врати во Украина бидејќи како што кажува тој многу поубаво му е таму, има подобри услови за живот и наведува дека Украина е доста поразвиена земја за разлика од Македонија.

За почетокот од војната, тој раскажува како сите се разбудиле тоа утро на 24 февруари во шок.

– Читаш по интернет, Русија ја нападна Украина и не знаеш што се случува, каде нападнала, во кој град, дали во Одеса, блиску до Одеса. Веднаш излегов на балконот, да видам дали се случува нешто, дали се слуша нешто. Беше релативно мирно, движење имаше но не толку големо. Прво што сакав да направам е да излезам до продавница да купам на залихи производи како вода, прехранбени продукти кои што се подолтотрајни за секој случај да има со што да се преживее ако се случи нешто. Првата слика беше гужви пред банкомати, пред менувачници, во продавниците километарски редици, луѓето грабаа од полиците во паника, заврши Александар.

Целото интервју за Курир може да го проследите во продолжение:

М.А.

Најнови вести