Законот за двојазичност, ваков каков што е, не смее да стапи на сила. Покрај тоа што е неуставен и неприменлив, истиот ќе направи огромна штета. И политичка и економска. Последиците ќе ги плаќаат сите граѓани на Република Македонија, обвинува Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Неуставниот закон за двојазичност кој парламентарното мнозинство, спротивно на забелешките на претседателот на државата, експертите и ставот на граѓаните на сила го истурка во Собранието ќе има огромни финансиски импликации врз Буџетот на нашата државата. Сумата од 1.7 милиони евра, која власта ја предвиде за имплементација на двојазичноста со Буџетот за 2018 година е само параван. Реалните трошоци ќе бидат далеку повисоки, како за централните институции, така и за институциите на локално ниво. Социјалдемократскиот сојуз крие од граѓаните колку од народните пари би се трошеле за вработување на преведувачи на албански јазик во Штип, Гевгелија, Струмица, Радовиш, Делчево и другите градови од источниот и јужниот дел од државата, но и на сите гранични премини во државата. Социјалдемократскиот сојуз не кажува колку ќе чинат преведувачите и судските преводи во сите Основни и Апелациони судови во Република Македонија, истакнува тој.
Ѓорѓиевски јавно ја повикува власта да одговори и колку пари ќе ги чини граѓаните изготвувањето на нови униформи на полицијата, пожарникарите и здравствените работници? Колку ќе чини изготвувањето на двојазичните пари во Република Македонија?
-Власта треба да им каже и на нотарите, извршителите, адвокатите, аптеките, мобилните оператори, дистрибутерите со електрична енергија и други приватни субјекти кои вршат работи од јавен интерес, колку пари ќе треба да одвојуваат од својот Буџет за имплементација на неуставната и штетна двојазичност. Колку секој од нас ќе треба да ја плати желбата на Зоран Заев по секоја цена да ја има поддршката на ДУИ. Социјалдемократскиот сојуз парите од Буџетот наместо за нови болници, училишта, градинки, патишта и објекти од полза за граѓаните ќе ги троши за покривање на трошоците од двојазичноста. Македонија е киднапирана и срушена држава. Социјалдемократскиот сојуз ги киднапира и узурпира институциите, законите, Уставот, а главната одлика им е рушењето, вели членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој порачува дека законот за двојазичност кој насила го туркаат е неуставен, штетен и практично неприменлив.
-Ставот на претседателот на државата да не го потпишува указот за прогласување на овој неуставен закон е државнички чин и единствено правилен чекор, кој може да се направи. Секое објавување на законот во Службен весник повлекува и кривична одговорност. По враќањето на правната држава секој ќе одговара за незаконското постапување, порача тој.