Главниот инфектолог во гостиварската болница, доктор Ратко Наумовски, за „Слободен печат“ објаснува што точно се случило со пациентката која беше снимена со камера како преку прозорец ја напушта собата за изолација каде што требало да биде сместена додека се лекувала од ковид во ова болничко одделение. Според него, таа не избегала од болницата, туку постојано лекарите мака мачеле да ја смират за да остане во собата.
-Пациентката не избега, туку си излегуваше од прозорецот постојано. Порано имавме решетки, сега нема решетки откако го реновиравме инфективното одделение. Вчера ја испишав од болницата бидејќи видов на Фејсбук дека ја снимил некој како излегува од болницата. Не можам да седам и да ја вардам, ниту сестрите можат ниту ние лекарите. Излегуваше низ ходник. Ако ја потсетев, пак ќе влезеше в соба, после пет минути кога не сум тука, пак излегуваше. Ковид позитивна беше. Нејзиното лекување заврши и јас ја испишав од болницата. Не правиме веќе тестови дали е позитивна или негативна. Откако ја испишав од болницата, во бурекџилница во град влегла. Не можеме да гледаме кај одат пациентите. Им кажуваме дека кога ќе го напуштат инфективното одделение уште една недела да бидат дома. Не можеме да ги излечиме сто процентно за време на лекувањето на инфективна. Ако лекуваме така, по два месеци ќе ги држиме пациентите во болница. Имаше добра сатурација во текот на неколку последователни денови и откако видов дека ја снимиле на Фејсбук ја испишав лично, зашто не можевме да ја вардиме. Излегуваше преку прозорец, на тревникот. Со неа во соба беа две потешки пациентки вклучени на кислород. Еден ден ја најдов како ја исчистила тревата надвор. Не избегала од болница, туку само се шеташе во болницата, така му кажав и на инспекторот од полицијата кога дојде да праша, ни изјави доктор Наумоски.