петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Говорот на Мицкоски привлече големо внимание: Реторика која обединува, без напад кон ривалите, но со точни решенија за проблемите

Говорот на Мицкоски привлече големо внимание: Реторика која обединува, без напад кон ривалите, но со точни решенија за проблемите

Реторика која обединува, говор без напад кон ривалите, но со точни решенија за проблемите. Ваков беше говорот на Христијан Мицкоски по изборот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на 17-тиот редовен конгрес.

Новиот договор кој го најави, треба да обезбеди нова иднина, втора епоха на мобилизација и надпартиско заедништво.

Говорот на Мицкоски по неговиот реизбор за лидерската позиција, привлече големо внимание. Беше различен од досега и посветен исклучиво на партиските цели, со повици за обединување. Во говорот немаше ниту критика кон опонентите, односно актуелната власт.

Старо-новиот лидер најпрво се заблагодари за поддршката.

-Благодарам на сите што ми дадоа поддршка на овој конгрес, благодарам за секоја една дланка која ја стиснав во текот на денешниот ден и за секоја порака на поддршка која ми ја пренесовте. По денешниот ден испраќаме порака на обединување и заедништво и ова е конгрес по кој ВМРО-ДПМНЕ излегува посилно, со уште поголем елан и енергија за времињата што следат. Ако има некој кој сè уште се сомнева дека ВМРО-ДПМНЕ може да успее и сè уште е несигурен дека ВМРО-ДПМНЕ може да донесе сигурност во ова општество, кој сè уште се прашува дали сонот на нашите основачи е жив во нашето време, кој сè уште ја преиспитува моќта на нашата демократија и нашите верувања, денешниов ден е одговор на тие сомнежи и на тие прашања. Но и тоа е одговорот кој се гледаше во редиците на последните избори, по училиштата и јавните објекти на гласање, тоа е одговорот во енергијата која е разбудена и покажува дека можеме, тоа е вербата која тлее во секој од нас, дека Македонија може, дека Македонија знае како… чистината на душите на нашите идни генерации и јасноста во очите на нашата и постарите генерации, се доказ дека Македонија ќе се избори и дека надежта постои. Се гледаше тој одговор во луѓето кои чекаа со саати за да гласаат, некои за првпат во своите животи, затоа што тие веруваа дека овојпат мора да биде поинаку и поразлично, дека нивниот глас може да биде таа разлика која ѝ треба на Македонија, тој глас на средната класа, богатите и сиромашните, партиски определените и неопределените, наши луѓе од различна верска или национална определба, тие пратија порака до сите дека не сме само обична партија, дека не гледаат на политиката како на поделба на сини и црвени општини, на сина и црвена Македонија, туку дека постои една, заедничка, наша Македонија. Тоа е одговорот до сите оние што беа цинични и полни со сомнежи дека можеме сите заедно да направиме силен скок, заедно кон надежта за подобар ден. Затоа што нашиот успех значи дека промените доаѓаат во Македонија.

Мицкоски не зборуваше ниту за минатото и за сето она што го поминавме во овие 4 години, рече дека е време луѓето во Македонија да ги слушнат пораките за иднината и како до нејзе.

-Народот е нестрплив да чуе решенија, за промени, за визија која нема да се претвори во некоја нова лага, за еден поинаков пристап во политиката, за соновите кои мора да ги направиме јаве. Им се обраќам на членовите на ВМРО-ДПМНЕ на месните комитети, на општинските комитети, на комисиите, униите, на сите наши симпатизери и поддржувачи… Подответе се…! Нè чека работа, нè чека многу работа. Нè чека борба! Народот има очекувања од нас и мора да ги оправдаме. Народот има надеж дека нешто ќе се промени. Мора да промениме. Народот верува дека може подобро, мора да биде подобро. И конечно, народот сака да види избор, опција на која ќе ѝ верува, ние сме таа алтернатива и мора да направиме сè за да бидат убедени дека можат да се потпрат на нас. Не смееме да разочараме, не смееме да потфрлиме, мора да успееме. И знам дека нашата борба не е само за да се победат избори, знам дека не е само за партијата или за поединците, ниту за мене, затоа што ја сфаќаме сите сериозноста на задачата која лежи пред нас. Свесни сме за предизвиците пред нас, затоа сме и подготвени да кажеме дека Надежта ќе победи, Македонија ќе победи! Сметам дека како општество премногу долго сме во истото мочуриште во кои нè доведоа неодговорни и лукративни политики, а сериозен проблем претставува ударот по самодовербата на луѓето и нивното чувство дека сите се исти и многу малку може да се смени. Сметам дека таквото системско разградување на сè што е добро и квалитетно во земјава придонесе сите ние да станеме робови на системот кој е во анархија, безредие, систем на невредности кои стануваат правило на однесување во секојдневието. И никако не ги обвинувам луѓето кои се подредуваат на таквото секојдневие затоа што мислат дека реалноста не им нуди избор. Во тешки времиња да се понуди избор значи да се преземе голема одговорност. Ние таа одговорност ја земаме на своите плеќи затоа што мора на народот да му се покаже алтернатива која ќе нè избави од болната реалност во која живееме. Денес Македонија живее во сиромаштија. Нема скала на релевантна институција која мери корупција каде државата не е вбројана за една од најкорумпираните во Европа, а во светски рамки сме во друштво на некои хибридни државни творби од Африка. А меѓу другото оценката е дека и тука владее хибриден режим кој секоја година повеќе заглавува во криминалот и корупцијата која не се случува само меѓу највисоките структури туку е пренесена на најниските можни рамништа. Денес се плаќа мито да ви извадат извод од матична книга на родени, да добиете лекарска потврда или да ви направат обичен здравствен преглед. Ви говорам за таква немоќност и распаѓање на системот до мера каде човек кој плаќа со децении за своето здравствено осигурување не може да добие обична здравствена услуга без притоа да се јави некому или да понуди мито некаде. Тоа болно удира по нашето достоинство. Доста се замижува пред секојдневните врски, митаџиства и протекции за добивање на услуги кои секако му следуваат на обичниот човек. Што мислите како 135 пати поминувал автобусот на Беса Транс низ царината без потребните документи и дали ако некој од вас се обиде да ја мине границата без документи, како ќе заврши? Е тоа на овие од компанијата милениче на власта им успеало над стотина пати. И таа иритирачка вина кај одредени структури, која се наградува наместо да се казнува, доведува до тоа животите на луѓето да се губат и тие да имаат ниска цена. Најскапото се губи многу евтино.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги покани сите да се приклучат во процесот на обнова на државата. Цигла по цигла, камен по камен, рече Мицкоски, ќе градиме нова иднина!

-Пред нас се големи предизвици, економска криза, енергетска криза, ковидот не престанува и покрај надежите дека тоа ќе се случи, светот е изменет, планетата е изменета, се функционира поразлично од претходно. Македонија мора да фати приклучок, да се адаптира на новиот свет, да ги создаде, развие и да ги промовира своите предности и да ги исправи своите недостатоци. Знам дека постојат родители кои кога ќе им заспијат децата водат разговори како да го поминат месецот и како да платат рати од кредитот. Како следниот ден да обезбедат пари за ужинка, топла облека за најмладите членови на семејството. Знам дека постојат професори кои прават планови и не им излегува есапот како да купат нов стан. Знам дека постојат пензионери кои сакаат, но често не можат на своите внуци да им купат тоа што им треба. Знам дека постојат доктори кои размислуваат како да купат авионска карта во еден правец. Земјоделци на кои секој ден им е налик на претходниот и полни со разочарување чекаат подобри времиња. Знам дека постојат многу работнци кои стравуваат за својата иднина, и многу невработени кои чувствуваат неоправдана вина во себеси дека не успеале. Знам за вашите проблеми. Многу добро ги знам. Сакам да посочам да не ја губите надежта. Заедно ќе успееме. Ова е заедничка битка. Патот напред е тежок и долг. Имаме сојузи да обновиме, енергија да вратиме, насмевки и радост да предизвикаме, проекти, реформи, подобрувања да исполниме. Климата може да е сурова, и може нема веднаш да стигнеме до тоа што го сакаме, но никогаш не сум се надевал повеќе како денес, дека ќе стигнеме до тоа ние сите заедно како граѓани, самообединети, без поделби на наши и ваши, без непотребна зајадливост, реваншизми и лоша енергија која само го храни она што ја разјадува државата. Може ќе има заостанувања, ќе има и луѓе кои нема секогаш да се согласуваат со секоја одлука што ќе ја донесеме, знам дека нема да можеме да го решиме секој проблем, но јас, секогаш ќе бидам искрен со вас за предизвиците со кои се соочуваме. Ќе ве слушам, посебно кога нема да се согласуваме. И над сè, ќе ве поканам да ми се приклучите сите во процесот на обнова на нашата држава, со оваа нова генерација за новата иднина која сите ние заедно ќе ја создаваме. Цигла по цигла, камен по камен, ќе градиме нова иднина. Нашата должност е да обезбедиме луѓето да имаат избор и да се обединиме околу она што ќе биде наша заедничка цел.

Најави нов концепт на заедништо наречен Нов договор, за праведен напредок и еднакви можности за сите, низ нов заеднички патриотизам.

-Најавувам како партија дека влегуваме во она што го нарекувам втора епоха. Во втората епоха кај нас е потребно да направиме општествена мобилизација на секоја интелектуална сила и поединец во земјата, да допреме до секоја слободомислечка индивидуа и да подадеме рака во насока на преродба на државата, обнова и промени во партијата и во државата кои ќе ја донесат новата иднина. Во центарот на втората епоха се слободата на индивидуата и слободна волја за изразување на капацитетите кои ќе бидат во насока на градење на државата. Мора да се излее таа енергија на креативните потенцијали надвор од рамките на партијата и ви говорам за општествена мобилизација на секоја кретивна индивидуа независно од партиската припадност која ќе биде моторот на напредокот и новата иднина која ни е потребна. Втората епоха е повик до секој поединец, за зграпчување на неговиот порив помагајќи си себеси, вградувајќи се себеси во политичкиот активизам да се вгради во напредокот на државата, така да помогне за сите нас. Втората епоха треба да донесе слобода во сите нејзини аспекти, слобода на креацијата, ослободување од стегите кои со децении го стегаат човека и неговиот потенцијал, слобода на мислата која треба да донесе нови ветришта на меѓусебна почит и разбирање, слобода во изборот на поединецот, издигнување над работите кои денес го ограничуваат нашиот потенцијал. Втората епоха значи и подавање рака на секој еден интелектуалец, отпочнување на дијалог со мудрите глави на ова општество чиј глас се заборави меѓу децениите на разграбување на државниот капитал и доминацијата на лукративните поединци и медиокритетите кои уживаат во конформизмот граден на плеќите на луѓето кои ја крепат нашата нација. Дијалог со професорите, со писателите, научниците, младите, студентите, синдикатите, стопанството, коморите. Дијалог со луѓето поттурнати настрана, а чиј глас го сочинува она што го викам тивкото мнозинство. Ви говорам за општествено обединување и таа палка со себе и пред себе ја зема ВМРО-ДПМНЕ и тој процес имам намера да го предводам со широко отворени раце пред секој еден човек и ги повикувам сите слободни индивидуи кои низ годините се распослаа низ светот, кои се демотивираа поради отсуството на организирано делување и станаа тивки пред неправдите, ги повикувам сите оние кои имаат свој став, кои имаат свое дело и почит кон себе и оваа наша земја, кои имаат визија, а кои губеа надеж низ годините, и кои се чувствуваат поразени не затоа што не се во право туку затоа што овие триесет години сите нас нè разединија, за полесно да владеат таквите медокритети, да им кажеме едно нешто – се обединуваме. Се обединуваме како тенки гранки собрани на едно место и во еден сноп кои стануваат непобедливи и нескршливи, и тој процес ВМРО започнува да го води по овој конгрес. Затоа јас ве повикувам сите тука, и сите оние надвор од оваа сала, и партиски определени и неопределени, придружете ни се. Победите не се промената која ја бараме туку само шанса да ја создадеме промената, да ја создадеме новата иднина. Но ништо не може да се промени ако не сме заедно во тоа, без вас, да се промени духот на служењето на народот, ни треба нов дух, па затоа да го покажеме тој дух, на тој заеднички патриотизам, за кого и во кампањата говорев, на одговорност, кога секој од нас ќе одлучи да работи напорно и да се грижиме еден за друг. Ако некој праша за што се бориме? Се бориме за Македонија каква што сакаме да ја видиме низ нашата доктрина која денес ја носиме. А доктрината не е само нашиот буквар, туку и нашиот двоглед кон иднината. Доктрина која ВМРО-ДПМНЕ ја сместува меѓу прогресивните партии во европското општество. Доктрината ја дефинира нашата борба за заеднички напредок и идеолошко и суштинско делување соочени со современите предизвици. Сигурно си го поставувате прашањето како до сево ова?

Најавувам на овој 17-ти Конгрес нова политика, нов концепт на ЗАЕДНИШТВО, наречен Нов договор! Ни треба нов општествен консезус на сите рамноправни чинители околу она што треба да претставува нов заеднички патриотизам. Тоа е мојата лична филозофија на работење, ќе се водам според него и нема да отстапувам од него, затоа што убеден сум дека тоа значи напредок и реални суштински промени во државата, во начинот на рамислување, на делување… На Македонија ѝ треба нов договор кој ќе го оделотвори заедничкиот патриотизам низ ново одредување за она што претставува наша првенствена цел. Таквиот општествен договор кој ќе го понуди заедничкиот патриотизам е враќање на нашите надежи за тоа како требаше да изгледа државата во моментите кога се создаваше, како активна целина на рамноправни чинители, која ќе обезбеди праведен напредок и еднакви можности за сите, од која идеја длабоко низ овие 3 децении се застрани. Ентузијазмот пак во деведесетите кој се изгуби од човечкото оттуѓување, изневерените очекувања од политичарите и транзициите кои ги обезвреднија сето она кое го создававме, вредностите создаде поделеност кај луѓето, нивно занимавање со националистички теми, и понекогаш некои мои пријатели велат со право дека националистичките романтизми се коската фрлена од политичарите за создавање на завеса зад која се кријат криминалните интереси на тие кои управуваат со државата. Денес нема ништо од тој помалку наивен но многу искрен идеал за среќна иднина со создавањето на своја држава и по векови и векови талкање да бидеме свои на своето. Новиот општествен договор кој ќе го донесе заедничкиот патриотизам преку мобилизација на секоја креативна индивидуа треба да ги сруши ѕидовите и планините кои политичарите ги создаваа меѓу граѓаните. Заедничкиот патриотизам не е само празна флоскула туку филозофија врз кој почива оваа втора епоха. Заедничкиот патриотизам е да создаваме едно искрено пријателство подавање на рака едни со други во име на напредок кој заеднички го сакаме. Заедничкиот патриотизам значи создавање на имунитет кон секој обид на манипулација на власта кон етничките прашања кои нè разединуваат. Видовме дека нема ваши и наши, дека сите ние сме под истиот покрив кој подеднакво прокиснува за сите, кому му треба поправка и силно реновирање за да го вратиме сјајот и да биде подеднакво заеднички. Заедничкиот патриотизам од тој нов договор да ги градиме училиштата во Битола и Тетово, подеднакво како што тоа го правиме во скопско Ѓорче и скопски Чаир. Заедничкиот патриотизам од тој нов договор е да си ги вратиме децата кои поради истите причини ни се распослаа низ светот и сега ги затворија куќите. Заедничкиот патриотизам треба да ни ја донесе прогресивноста и градењето на заеднички институции. И за овие прашања планирам да разговарам со секоја една партија, со секој еден човек и фактор во државата. Подготвен сум да разговарам со секој искрен политичар кој ќе застане зад она што треба да биде нов процес во државата. Еден пријател, ми вели, ја погрешивме од самиот почеток, тргнавме како држава, едните во еден правец, другите во друг. Јас велам, не е доцна да ја исправиме работата, и да одиме напред едните слушајќи ги другите, едните заедно со другите. Не е важно од каква боја или етничка припадност, каква вера има или партија доаѓа, но заеднички патриотизам е да имаме различност која меѓусебно ќе ја почитуваме. И солзите и болката, и надежта и среќата подеднакво ја чувствуваме. Мора да имаме почит за гробовите на хеорите, за делата на великаните, да бараме почит, и да ја даваме почитта. Заедничкиот патиотизам значи и отворање на вратите на ВМРО-ДПМНЕ за сите заедници кои веруваат во она во што веруваме и ние, рушење на границите, стереотипите и ново стратешко позиционирање кон сите останати заедници кои се дел од македонската нација.

Како што и самиот Мицкоски потсети, во говор не ги искоментира Зоран Заев и СДСМ никаде. Тоа е, подвлече реизбраниот лидер, затоа што се надевам дека ќе се променат и дека ќе сфатат дека на народот му е доста од поделби и конфликти, туку потребни се напредок и работа.

-Сево ова за што ви говорам мора да има цели, како дел од нашите верувања во доктрина и филозофија на делувања. Новиот договор кој е општествен консезус не се само демагогија и фрази, туку јасни цели кон кои ќе се стремиме и за кои жилаво ќе се бориме. Нашата цел и визија како партија ќе биде да се бориме во една временска дистанца да постигнеме економски стандард како во една Австрија. Нашата цел како дел од тој нов договор и консензус е намалување на персоналниот данок и на данокот на добивка на 8%. Данокот за млади луѓе да биде 0%, а секоја година по стабилизирањето на економијата да имаме раст до 6%. Да постигнеме едноцифрена невработеност. Во образованието да имаме универзитет во првите 500 според Шангајската листа, бидејќи денес за жал немаме ниту еден во првите 1000. Да регулираме пазар за трговија со криптовалути, трговија со примена на блокчејн технологија. Да работиме на достигнувања и развој на вештачка интелигенција, роботика иновации, да понудиме одржливи решенија кои ќе бидат патентирани во европски рамки. Да влеземе во отворена борба против корупцијата и наместо сегашното 11 место на Транспаренси да влеземе во првите 50 држави што се борат против корупцијата со објективни резултати од корист за нашите граѓани. Наша цел и наша визија е да создадеме систем во земјоделството на сигурен откуп за земјоделците и извоз на производител нешто што 3 децении не го правиме. Во културата да се вмрежиме, да станеме дел од европските збиднувања. Македонија има што да каже на овој план. И најпосле, да доживееме Македонија да стане дел од Европската Унија. Ова не е сон, ова е наша цел.

И покрај огромната победа што ја имавме на локалните избори, историски највисока во број на освоени градоначалници во ваков модел, сепак мора да покажуваме скромност и определба да ја заздравиме поделеноста која го кочи нашиот прогрес. Како што Линколн еднаш кажал, во времиња на огромна поделеност на неговата држава, ние не сме непријатели, туку пријатели. Не смееме да бидеме непријатели. Страста и енергијата во политиката можеби нè одделија, но не смеат да ги раскинат нашите врски на сочувство. До тие кои не гласаат за нас на овие избори, и чија поддршка морам допрва да ја заслужам, сакам да им упатам јасна порака, можеби не го добивме вашиот глас на локалните избори, но го слушам вашиот глас, потребна ми е и вашата помош, јас и сите ние безрезервно ќе работиме за вас. До сите оние што ги чекаат моите пораки од различни страни, домови, канцеларии, тука и надвор, и до најдалечните места од нашата земја и меѓу нашата дијаспора, нашите приказни се лични, одвоени, но нашата судбина е споделена, заедничка, нова ера на македонско лидерство доаѓа, нова генерација со заеднички вредности и стравови, но и силна неприкосновена волја за промени! До тие што мислат дека Македонија нема да успее – Ќе ве поразиме! И, ако видовте, во целиот мој говор не ги искоментирав Зоран Заев и СДСМ никаде. Тоа е затоа што се надевам дека ќе се променат и дека ќе сфатат дека на народот му е доста од поделби и конфликти, туку потребни се напредок и работа. До тие кои бараат и трагаат по спокој, напредок, повисок стандард, подобри нормални услови за живот, развој – Мојата порака до вас е ние ве поддржуваме! До сите оние што се прашуваат дали македонскиот оган гори сè уште силно, ние, сите заедно ќе докажеме повторно, дека силината на нашата држава не доаѓа од тоа колку сме големи или воено моќни, туку од истрајна моќ на идеалите во кои веруваме – заедништво, демократија, слобода, шанса за сите, правда, развој… и конечно, од нашата верба! Тоа е суштината на она за кое се борам и ќе се борам – Македонија може да се промени! Политичарите можат и мора да се променат. Она што почнуваме и допрва планираме да го правиме на локално и подоцна по идната победа на парламентарните избори, во новата влада, ќе се почувствува дека сево ова е можно и не се само празни зборови.

Една работа сакам да издвојам. Додека чекав ред за гласање на моето избирачко место го запознав дедо Ангеле, кој има 84 години. Тој поминал многу. Живеел во време на војни, во времиња кога немало компјутери ни мобилни телефони, кога нашиот народ се борел за слобода и за егзистенција. Кога ќе се сетам на еден таков живот, и колку пати многумина мислеле дека нешто е невозможно, тие луѓе таа генерација која поминала многу, ни докажува дека сè е возможно, тие ни докажале дека надежта и борбата, без разлика на условите, се во нашата крв, да се бориме за подобро, за нашите правдини, за добар живот, за својата земја. Кога дедо Ангеле видел земја која сакале да ја ограбат и да ја поробат, видел и здружен народ кој се бори за своето, за својата земја, значи возможно е…. кога видел сиромаштија и макотрпна работа по полињата, видел и луѓе кои не се плашат да работат за да прехранат семејство… значи возможно е… кога видел инфлации и војни во регионот и народ желен за слобода, народот покажал храброст и се обединил за подобар живот… значи возможно е… кога Симон Трпчевски го освојува светот и музицира во Токио, Њујорк, Лондон се покажа дека е возможно. Кога Диме Мурато го освои Монт Еверест и го развеа македонското сонце на покривот на светот се покажа дека е возможно. Кога пред неговото време еден учител со страшна визија за иднината рекол јас го разбирам светот како поле на културен натпревар меѓу народите, и се борел за тоа во што верувал… значи возможно е! Низ сиве овие години, сè што видел дедо Ангеле, се заснова на една работа… Македонија може да се промени! Таа промена зависи од нас. Македонијо, дојдовме до овде но има уште многу пред нас. Денес треба да се прашуваме една друга работа.. како би изгледал идниот век за нашите деца… Ако моите деца ја имаат таа среќа да живеат долго колку дедо Ангеле каква промена тие ќе видат… Каков прогрес ние ќе имаме направено. Ова е шанса да го покажеме тоа. Ова е нашиот момент. Моментот на оваа нова генерација. Ова е нашето време да покажеме како се работи, да отвориме работни места, да го зголемиме стандардот, да го подобриме здравството, да покажеме грижа за земјоделците, за социјалците, за пензионерите, младите, за професорите и докторите, за полицајците и војниците, за работниците, бизнисмените, за идните генерации да видат од што сме направени и дека во нашите жили, крв и месо има нешто останато од оние заради кои го имаме ова што го имаме. Да ги отвориме вратите на можностите за нашите деца, да го вратиме просперитетот, да ја вратиме државата на граѓанте, да ја чувствуваат за нивна, дека ги слуша и почитува и дека ги вреднува и работи за нив… Ајде заедно да го создадеме македонскиот сон, составен од фундаменталната вистина која е содржана во Крушевскиот манифест, која повикува на заедништво, да станеме од многу – Едно, и кога ќе нè сретнат со цинизам и потценување, и кога ќе ни кажуваат дека не можеме, ние ќе одговориме гордо и со крената глава ….МОЖЕМЕ! И ќе победиме! Победа, победа која ќе биде за секој еден човек, победа во која веруваме и победа со која ќе покажеме дека Македонија е силна. Наша и заедничка.

Најнови вести