Денеска во 13 часот пред Основниот суд Скопје 2 започна протестот каде се бара правда за Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Трповски и Борче Стевковски, лицата кои беа убиени на Смилковско езеро, на само три дена пред најголемиот христијански празник Велигден.
Граѓаните преку пароли порачаа „За правда се бориме“, „Правда за жртвите, затвор за монструмите“, а и прашаа „Колку субвенции земаа монструмите?“. Тие преку парола го прашаа и премиерот Заев дали ги сонува жртвите од Смилковско езеро.
-Заев, дали и ти ги сонуваш жртвите од Смилковско, пишуваше на една од паролите пред Основниот суд Скопје 2.
Инаку, ова не е прв протест на граѓаните каде се бара правда за жртвите од Смилковско езеро. Протест пред судот имаше и на 26 април, граѓаните тогаш го прашаа Заев дали спие мирно.
Тие бараат виновниците да бидат пронајдени и казнети за да не се повтори никогаш иако тоа не може да ги надомести изгубените животи.
Инаку, на први декември минатата година Врховниот суд ги укина шесте доживотни затворски казни за обвинетите од случајот Монструм и предметот го врати во нов судски процес. Со решението се укинуваа пресудите на Кривичниот суд од пред три години и потврдата на пресудата од Апелација.
Врховниот суд донесе решение со кое на обвинетите Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута им се определени други мерки за претпазливост, и тоа забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, како и редовно јавување пред Основниот суд Скопје I Скопје два пати неделно, а обвинетите веднаш се пуштаат да се бранат од слобода.