недела, 4. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Грција ги отвора границите на 14 мај за нашите граѓани – еве дали можат да патуваат Македонците кои се вакцинираа во Србија

Грција ги отвора границите на 14 мај за нашите граѓани – еве дали можат да патуваат Македонците кои се вакцинираа во Србија

Грција ја отвора границата со Македонија на 14 мај, потврди министерот за здравство Венко Филипче.

Патувањето во соседната земја ќе биде условено со сертификат за примена доза или негативен ПЦР-тест, а се преговара и за прифаќање на резултатите од брзи антигенски тестови.

„Вчера, разговарав со грчкиот министер за туризам, Харис Теохарис, кој потврди дека границата се отвора на 14 мај, а за тоа ќе добиеме и официјално известување. Условот е граѓаните што ќе патуваат да имаат или сертификат за примена доза или негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа. Она што се размислува сега, за некои земји, не само за Грција, е да може да се патува и врз основа на брз антигенски тест. За тоа ќе нѐ известат во следниот период“, рече денеска Филипче.

Македонците кои дозата ја примија во Србија ќе може да патуваат со документот за примена доза издаден од српските здравствени власти. Министерот вели дека тој документ се признава оти го има истиот код што го имаат и сертификатите за примена доза што ги издаваат нашите здравствени власти.

Во Србија се имунизираа околу 15.000 Македонци. Голем дел од нив ја примија дозата на „Астра зенека“, од која втората доза е за три месеци. Тие сѐ уште чекаат одговори од здравствените власти како да постапат за втората дози оти кај нас таа е забранета за лица под 60 години поради згрутчувањето на крвта поврзано со самото примање.

За нив, Македонија и Србија се во преговори и за локацијата каде што ќе може да ја примат втората доза.

Србија извести дека веќе им резервирала втори дози на сите имунизирани кај нив, но предложи, доколку се утврди дека така е полесно, овие дози да ѝ ги отстапи на Македонија за граѓаните да може дома да ја примат втората доза.

Најнови вести