„Не“ за промена на границите, „не“ за етнички заедници вон границите и „не“ за јазик што би настојувал на права вон границите се трите предуслови за решавање на спорот со името вели грчкиот претседател Прокопис Павлополус.
Тој додава дека потребна е промена на Уставот и име кое нема да зрачи иредентизам.
-Прво да го сменат нивниот Устав, а потоа, кога ќе стигнеме до каков било договор, во овој договор ќе има име кое нема да зрачи иредентизам. И кога велиме иредентизам мислиме на три работи: не може во никој случај ова име да подразбира промена на границите. Второ, не може ова име да упатува на етничка припадност вон границите на ПЈРМ. И трето, не може ова име да упатува на јазик надвор од границите, што би предизвикало малцински права и во оваа област. Овие три работи се факт, изјави Павлопулос.
Павлопулос по кој знае кој пат ги повтори ставовите на Грците дека е потребна промена на Уставот како основен предуслов за решение.
-Не може во моментот кога доаѓаат да се договорат за компромисот кон кој и тие се стремат, да ти кажат: овој компромис ќе го направиме, но не можеме сега да го смениме Уставот, ќе го смениме во иднина. Дали е тоа демократска земја? Премиерот на оваа земја не разбира каква опасност предизвикува самиот кога изјавува дека е спремен да потпише еден договор што е спротивен со Уставот? Можете да си замислите некој лидер од Западот, од ЕУ, да кажеше такво нешто?, праша Павлопулос.
Ваквиот грчки став е спротивно на се она што го кажува Зоран Заев дека договор може да се постигне и без промена на Уставот.
Ваквите ставови на Грците се јасен показател дека Република Македонија мора да ги прифати сите понижувачки барања на грчката страна за тотално обезличување на македонската држава и народ. Се поставува прашањето до каде е спремен Зоран Заев и СДСМ да одат со ваквите понижувачки барања од страна на Грците?!