недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Хуманитарна помош и спасувачки тимови од Македонија се упатија во Турција

Хуманитарна помош и спасувачки тимови од Македонија се упатија во Турција

Македонски спасувачи тимови од Армијата и Дирекцијата за заштита и спасување, како и пожарникари и рудари веќе се на пат кон Турција и ќе помогнат во потрагата под урнатините од земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ги погоди регионот на Турција и Сирија.

Хуманитарна помош веќе најавија Владата, повеќе општини и институциите, а граѓаните собираат донации на пункт на плоштадот во Скопје.

Армијата на Република Северна Македонија упати тим за потрага и спасување составен од 24 армиски припадници и две кучиња, коишто веќе заминаа за Турција.

Бројот на загинати во земјотресите што ги погодија Турција и Сирија сега изнесува 7.266, јави Скај Њуз пренесувајќи го најновиот биланс.

Од Дирекцијата за заштита и спасување се испраќаат 40 лица – припадници на републичките сили за заштита и спасување, со комплетна специјализирана опрема и материјално – технички средства за пребарување и спасување од урнатини, шест возила за транспорт на опремата и луѓето и две противпожарни возила.

Екипи за помош во Газиантеп, Турција веќе се испратени и од Град Скопје, како и од повеќе локалните самоуправи, меѓу кои пожарникари од Битола, Тетово, Гостивар и Штип и рудари од Пробиштип.

Од Град Скопје информираат дека е испратена екипа на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје во Газиантеп, Турција, а денеска на вонредна седница на градскиот Совет е предложено да се одобрат шест милиони денари првична хуманитарна помош за Турција и за Сирија кои беа погодени од разорен земјотрес.

– Како првична и интервентна мерка Градот Скопје испрати екипа на Територијална противпожарна бригада на Град Скопје кон Газиантеп каде ќе биде ставена на целосно располагање на турските власти за сите потреби на спасувачката акција. На утрешната седница на Советот на град Скопје предложивме и точка на дневен ред за одобрување на 6 милиони денари првична хуманитарна помош за Турција и Сирија, информираа од Град Скопје.

Од Град Скопје информираат дека испратена е екипа на Територијална противпожарна бригада на Град Скопје кон Газиантеп, Турција, а на утрешната вонредна седница на градскиот Совет е предложено

Општина Битола, исто така, денеска на седница ќе одлучуваат за помош за погодените од земјотресот во Турција и Сирија, а вакви седници најавија и други општини, меѓу кои и Центар и Ѓорче Петров.

Одлуки за финансиска помош за подрачјата кои беа погодени од земјотрес во Турција и Сирија, веќе донесоа општините Тетово, Куманово, Кавадарци и Гази Баба.

Министерството за финансии, пак, е задолжено до Владата да достави одлука за одобрување средства од резервите на Буџетот за 2023 година, во износ од 6 милиони денари за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес. Задолженија има и до други институции меѓу кои и до Министерството за здравство, во рамките на своите надлежности, итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера, исто така, најави дека државава ќе испрати помош и за Сирија по разорниот земјотрес со којшто беа зафатени со Турција, а за која Владата вчера на итна седница веќе донесе одлука да испрати помош.

-Нашето Министерство за надворешни работи веќе комуницира и со колегите од Сирија за да видиме што можеме и таму да испратиме како помош, кои се нивните потреби. Штом ќе можеме да идентификуваме кои би биле потребите, согласно нашите можности, тогаш се разбира дека и Сирија е држава која ќе биде помогната од наша страна, рече Ковачевски, на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, според последните податоци, во Турција загинале 4 500 лица, а повредени се околу 26 000, додека во Сирија загинале 1 622 лица, а повеќе од 3 600 се повредени.

Најнови вести