Кога хуманоста ќе се стави на прво место, тогаш не постојат никакви пречки. Се наоѓа универзален јазик за комуникација, а малата куќа станува голема. Пример за тоа е Јованка Цонева од струмичко Василево која го отворила нејзиниот скромен дом и понудила загрижување на семејство од Украина. Ги споило случајното пријателство од Фејсбук, но тогаш никој не претпоставувал дека тоа ќе биде мост преку кој Татјана и нејзината ќерка Јулија ќе дојдат до сигурен дом додека трае конфликтот во нивната држава, објавува телевизија Сител.
Семејството на Јованка брои пет члена, а куќата е мала, но ним тоа не им е проблем. Вели со добра организација има место за сите.
Јованка не знае украински, а гостинките македонски, но се разбираат.
Татјана и нејзината шеснаесетгодишна ќерка во Македонија се веќе три недели. Патувале четири дена низ шест држави. Кога дошле тука биле прифатени како дел од семејството.
– Добро е, луѓето се многу добри и одлично не прифатија, не само баба Јованка, туку и нејзините внуци. Сите не прифатија како свои, вели Јулија.
И покрај топлиот прием и на Татјана и на Јулија им недостасува домот. Се надеваат дека состојбата наскоро ќе се смири а тие пак ќе бидат со своите блиски.
– Се надевам дека наскоро се ќе се заврши и да се вратиме дома, вели Татјана.
– Сакам што поскоро да заврши се и да си одам дома во Украина. Таму останаа сите мои пријатели, вели Јулија.
Додека престојуваат во Македонија, Татјана и Јулија освен од семејството Цоневи поддршка добиваат и од волонтерите на Црвениот Крст. Со нивна помош деновиве ќе започнат да го учат и македонскиот јазик.